Шокантни мерки во Слованија и Словачка за да се спречи „бензинскиот туризам“


 

На бензинските пумпи на унгарската компанија МОЛ во Словенија, физичките лица ќе можат да полнат гориво со 30 литри, а правните лица или камионите со 200 литри по полнење, објавија словенечките медиуми во средата, додавајќи дека „Шел“l исто така воведува слични мерки, додека и Словачка најавува чекори против „бензинскиот туризам“ и ги зголемува цените на горивата за странците.

Како што објасни МОЛ Словенија за агенцијата СТА, во последните две недели евидентирале екстремно зголемена потрошувачка, меѓу другото поради полнење гориво за залихи, и таканаречениот „бензински туризам“ на граничните бензински пумпи, особено од возачите од Австрија.

„За да се спречи колапс и притисокот врз бензинските пумпи, а во исто време рамномерно да се снабдуваат клиентите со гориво, моментално го ограничуваме полнењето гориво“, објасни компанијата. Ова е привремена мерка што важи низ целата земја, додадоа тие.

Според порталот 24ur.com, „Шел“ воведе ограничување од 200 литри по полнење до 13 часот во средата, а попладне ограничувањето беше намалено на 100 литри.

Повисоки цени за странци во Словачка

Словачката влада во среда одобри резолуција со која се дозволуваат повисоки цени на дизелот на бензинските пумпи за возила со странски регистарски таблички поради „бензински туризам“.

Рафинеријата „Словнафт“ претходно оваа недела соопшти дека во некои северни окрузи што граничат со Полска, пониските цени на дизелот на словачката страна довеле до пораст на купувањата.

Премиерот Роберт Фицо, кој ја предложи мерката во вторникот, рече дека возачите ги полнат своите резервоари и канистри, што предизвика некои бензински пумпи да останат без гориво.

Според резолуцијата, која не ја специфицира горната граница на цената, бензинските пумпи ќе имаат право да ја ограничат продажбата на дизел на еден резервоар и десет дополнителни литри за автомобили со странски регистарски таблички.

Унгарија веќе ги ограничи цените на горивата овој месец, додека главната рафинерија во Полска, „Орлен“, ги намали маржите за да го намали влијанието на потрошувачите.