Шокантен разговор на Трамп со европските лидери по телефонскиот повик со Путин
Европските лидери не можеле да веруваат колку Трамп зборувал со почитување за рускиот претседател Путин. „Во еден момент завладеа непријатна тишина“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и пет други европски лидери се придружија на телефонски конференциски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп веднаш по неговиот разговор со Владимир Путин, надевајќи се оти ќе слушнат дека рускиот претседател се согласил на прекин на огнот, или барем дека Америка ќе му воведе санкции доколку одбие да го стори тоа.
Наместо тоа, Трамп рекол дека Путин се согласил да преговара и нагласил дека Америка нема да биде вклучена во преговорите и се спротивстави на идејата за воведување нови санкции врз рускиот лидер во овој момент, изјавија за американскиот медиум „Аксиос“ два извори кои присуствувале на повикот, како и трет извор запознаен со темата на разговорот. Трамп, пишува „Аксиос“, остави впечаток дека е сѐ поблиску до целосно повлекување од преговорите. Изворите тврдат дека некои лидери изгледале „изненадени“ или „шокирани“ за време на повикот.
„Мислам дека нешто ќе се случи. А ако не се случи, јас едноставно се повлекувам и тие ќе мора да продолжат сами. Ова беше европска ситуација и требаше да остане европска ситуација“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба само неколку часа по разговорите со рускиот претседател.
Разговорот меѓу Трамп и Зеленски
Трамп и Зеленски разговараа накратко во понеделник наутро, при што американскиот претседател го праша својот украински колега што треба да му каже на Путин, тврди изворот. Зеленски наводно бил среќен што Трамп се консултирал со него. Изворите тврдат дека тој побарал од американскиот претседател итен прекин на огнот, да му се закани на Путин со нови санкции и да не му понуди никакви отстапки без консултација со Украина.
Откако го заврши разговорот со Путин, Трамп повторно му се јави на Зеленски. Овој пат на линија беа и лидерите на Германија, Франција, Италија, Финска и Европската комисија. „Вториот повик беше подолг и од различна природа од првиот“, рече подоцна Зеленски.
Додека европски извор кој учествувал во повикот за „Аксиос“ изјавил дека разговорот бил „конструктивен“, друг извор рекол дека Зеленски сметал дека бил „лош“. Трамп им рече на лидерите дека Путин се согласил веднаш да започне директни преговори за прекин на огнот. Извор кој присуствувал на повикот рекол дека по тоа имало неколку минути непријатна тишина.
Зеленски истакна дека Путин претходно се согласил на преговори, а првата рунда преговори за прекин на огнот се одржа минатиот петок во Истанбул. Трамп не му одговори на тоа прашање, според изворот. Истото лице тврди дека украинскиот претседател и неколку други лидери вклучени во повикот го потсетиле Трамп дека неговата идеја е мировните преговори да започнат со 30-дневен прекин на огнот.
Претставник на Белата куќа изјави за „Аксиос“ дека Трамп „никогаш не се согласил“ прекинот на огнот да биде предуслов за преговори и дека никогаш не рекол дека Зеленски може да одлучува за условите. Другите европски лидери вклучени во телефонскиот повик поставиле прашање за можните санкции на САД против Русија, а Трамп им рекол дека смета оти тоа не е добра идеја, нагласувајќи дека мисли оти Путин сака да склучи договор.
Извори тврдат дека италијанската премиерка Џорџа Мелони прашала зошто не може да има прекин на огнот најмалку две недели пред почетокот на преговорите, а германскиот канцелар Фридрих Мерц прашал какви отстапки е подготвена да направи Русија.
„Тоа е значаен чекор напред“
Трамп им рече дека Путин ќе претстави „мировен меморандум“ со неговите услови за прекин на огнот и крај на војната. Изворот рече дека Трамп им рекол на Зеленски и на европските лидери оти побарал од рускиот претседател да „претстави нешто со што луѓето ќе се согласат“, а не предлог што веднаш ќе биде отфрлен.
Зеленски рече дека претходните рунди разговори со Путин, вклучително и оние од минатата недела, не дале никакви резултати и нагласи дека Путин нема да попушти освен ако Трамп не го притисне, велат изворите. Претставник на Белата куќа изјави дека Русија со месеци одбивала да презентира документ со своја визија за тоа како треба да заврши војната и дека фактот што Путин се согласил со тоа е значаен чекор напред.
Лидерите изгледале изненадени што Трамп бил релативно задоволен од она што го слушнал од Путин, а уште повеќе што го претстави како нов развој на настаните, иако се чини дека рускиот лидер не отстапил од својата претходна позиција.
„Следни чекори?“ Не знам.
Трамп им рече на лидерите дека Русите и Украинците треба да водат директни билатерални преговори без трети страни, бидејќи тие најдобро ги разбираат сите детали од конфликтот.
Мелони и Мерц одговорија дека Америка и европските земји треба да бидат вклучени во преговорите. „Некој мора да биде судија“, рече Мелони, а Мерц предложи да се одржи состанок со сите вклучени страни. Трамп наводно подоцна го предложил Ватикан како локација каде што треба да се одржат разговорите.
За време на телефонскиот разговор, финскиот претседател Александар Стуб го праша Трамп кои се следните чекори. „Не знам. Некој мора да истапи и да каже дали преговорите одат добро или лошо, а потоа ќе одлучиме што да правиме“, рекол Трамп.