Почина македонскиот амбасадор во Германија, Рамадан Назифи


 

Рамадан Незифи, амбасадорот на Македонија во Германија, почина, објави министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Имаше 60 години. Амбасадор во Берлин беше од 2019 година.

Во објавата на Фејсбук Османи напиша: „Со длабока тага ја примив веста за смртта на амбасадорот Рамадан Назифи, актуелен амбасадор на Северна Македонија во Берлин од 2019 година, амбасадор во Швајцарија од 2009 до 2013 година и долги години во Министерството за надворешни работи како кариерен дипломат.

Рамадан, со кого изградив лично пријателство, беше извонреден човек и дипломат и ќе остане запаметен од колегите во Министерството.

Упатувам сочувство до семејството, пријателите и вработените во Министерството“.

Назифи, роден во скопското село Радуша во 1962, дипломираше француски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје.

Дипломатската кариера ја започна уште во 1995. Првиот дипломатски ангажман во странство му бил аташе во македонската амбасада во Бон, а беше и министер-советник во амбасадата во Берлин. Од 2009 до 2013 беше амбасадор на Македонија во Швајцарија.