Шмит: По изборите нема сите во БиХ да бидат среќни, но потребно е да се прифатат изборните резултати


Високиот меѓународен претставник во Босна и Херцеговина Кристијан Шмит денеска го посети избирачкото место на Електротехничкиот факултет во Источно Сараево за да се увери, како што наведе, дали таму се почитуваат сите права и процедури.

Тој оцени дека е многу важно набљудувачите да се на нивните места, не само оние кои ги поставуваат политичките партии, туку и оние од невладиниот сектор, како што се набљудувачите на Коалицијата „Под лупа“.

– Ќе добиеме извештаи од Коалицијата „Под лупа“, како и извештаи од набљудувачи од Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР). Се надевам дека многу гласачи, на ова добро време, ќе одлучат да излезат на гласање, рече Шмит.

Според него, не треба да има оправдување да не се оди на избори, иако се знае дека „нема сите да бидат среќни по изборите, ама дека ќе биде потребно да се прифатат изборните резултати“.

– Имало ситуации во светот во кои гласачите не ги прифаќаа резултатите од изборите, што не е добро, но доколку има докази за фалсификат, постојат закони кои ќе го санкционираат тоа, нагласи високиот претставник.

Во БиХ денеска се одржуваат општи избори на кои граѓаните избираат членови на Претседателството на БиХ, претседател на Република Српска и нови состави на парламентите на БиХ, Федерацијата БиХ, Република Српска и десет кантонални собранија.