Ширак замина, Македонија загуби пријател


Париз – Поранешниот француски претседател Жак Ширак, кој беше 12 години во Елисејската палата, ќе остане запаметен кај нас како политичар кој ја промени француската политика водена при распаѓањето и војните во поранешна Југославија. Малкумина се сеќаваат дека Жак Ширак, штотуку избран, веднаш застана во одбрана на македонската позиција наспроти таа на Грција, особено критикувајќи ја политиката на грчкиот премиер Андреас Папандреу. Грчкиот премиер го напушти Европскиот самит во Кан, изнервиран од тоа што Ширак го нарече македонскиот претседател Киро Глигоров, „личен пријател“. Жак Ширак, исто така, побара од Грција да го укине економското ембарго и да започне политички дијалог со владата на Скопје за да го деблокира ова досие, кое ја труеше повеќе од четири години европската политика.

По атентатот врз претседателот Глигоров и неговото лекување во француската воена болница „Вал де Грас“, како и потпишувањето на времената спогодба со Грција, во јуни 1996 година се реализираше можеби најважната посета на нашата земја од страна на еден француски политичар – таа на Филип Сеген – тогашен претседател на Националното собрание на Франција. При посетата на Македонија, Филип Сеген кој во таа прилика го инаугурира францускиот конзулат во Битола, на претседателот Киро Глигоров му донесе лично писмо од претседателот Ширак во кое беше изразена поддршката на Париз за склучувањето на првиот договор за соработка со Европската заедница, за која посебен удел имаа лично Ширак и Филип Сеген.

Во повеќе прилики и при повеќето билатерални средби, францускиот претседател не ја пропушташе можноста да ѝ изрази поддршка на нашата земја. Франција и претседателот Жак Ширак одиграа значајна улога и при конфликтот во 2001, кога како специјални претставници на ЕУ беа назначени најпрво Франсоа  Леотар, а потоа и Алан Лероа. На заедничката прес- конференција во Елисејската палата на 1 март 2003 година со претседателот Борис Трајковски, претседателот Жак Ширак во однос на македонското прашање одговори:

– Знаете, јас водев кампања долго време овие проблеми да бидат решени во согласност со легитимните интереси на Македонија. Почнав три недели по мојот избор пред шест години во Европскиот совет во Кан. Оттогаш работите се сменија, не се предомислив и сè уште ги поддржувам легитимните барања на Македонија, рече Ширак пред Борис Трајковски.

Жак Ширак е и единствениот француски претседател кој ја има посетено нашата земја по нејзината независност, за време на војната на Косово кон крајот, на 28 февруари 1999 година.

Поддршката на Жак Ширак Македонија започна да ја губи застанувајќи отворено зад втората американска интервенција во Ирак, а потоа со изземањето на американските државјани од кривичните гонења на американските државјани пред меѓународните судови. А тука можат да се додадат и некои дипломатско-економски промашувања од наша страна, како изземањето на француската компанија „Обертур“ од изработката на првите македонски биометриски пасоши или на француската „Томсон“ од опремата на скопскиот аеродром. Со заминувањето на Жак Ширак во Франција се затвора една страница од нејзината историја, а нашата земја изгуби еден пријател и поддржувач.