Шилегов најави нов концепт за јавниот превоз


Фото: Б. Грданоски

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов во интервју за МИА најавува нов концепт за јавен градски превоз, мерки за намалување на загадувањето, почисто Скопје, колекторски систем за да не се загадува Вардар, за селектирањето на отпадот, за продажбата на Градска куќа……

Пречистителната станица значи дека Скопје повторно ќе има чиста река. Отпадните води што се слеваат во овој момент по цевководниот систем директно во Вардар, најпрво ќе завршуваат по колекторскиот систем што сега го градиме, ќе одат во пречистителната станица каде што така прочистени ќе бидат оставени и ќе бидат пуштени во реката и е еден од можеби фундаменталните проекти кои ги води овој Град што се однесуваат на заштита на животната средина.

Ова во интервју за МИА го изјави градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, кој говореше за планираната изградба на пречистителна станица во Скопје. За таа цел на Самитот за Западен Балкан, што во организација на Економист беше одржан во Скопје беше најавен грант од 10 милиони евра од Европската инвестициска банка. Тоа е само дел од потребните 125 до 135 милиони евра за изградба, која според проценките би се реализирала во следните две години.

– По она што го имаме како план, по она што го имаме зацртано, пречистителната станица би требало некаде 2024/2025 година да биде пуштена во употреба, вели Шилегов во интервјуто за МИА.
Тендерирањето за изведба на пречистителната станица треба да биде потпишано до крајот на 2020 година и сега се работи на тендерската документација.

– Втора година го градиме колекторскиот систем на нашиот град и тоа во долното течение на реката Вардар. Станува збор за околу 12 километри сериозна инсталација која е основниот предуслов да се започне со градба на пречистителната станица на нашиот град, изјави Шилегов.

Што изградбата на пречистителната станица во Скопје би значела за жителите на градот и околината?
Некаде далеку од очите на јавноста ние веќе втора година како го градиме колекторскиот систем на нашиот град и тоа во долното течение на реката Вардар. Граѓаните особено од Ново Лисиче, Лисиче и сега веќе накај Аеродром од десната страна на Вардар и од левата во делот кај Гази Баба и Вардариште тоа може да го гледаат како се одвива секој ден. Колекторот започнавме да го градиме некаде во јуни минатата година, веќе година и неколку месеци како се гради. Станува збор за околу 12 километри сериозна инсталација која е основниот предуслов да се започне со градба на пречистителната станица на нашиот град. Во делот на планирањето сериозно веќе се работи на пречистителната станица бидејќи согласно договорот кој го има нашата држава, тендерирањето за изведба на пречистителната станица треба да биде потпишано до крајот на 2020 година и ние сега работиме на тендерската документација. Носител на таа активност во рамки на Градот Скопје е ЈП „Водовод“ каде имаме посебна единица што се занимава со целокупната работа, со податоци кои во меѓувреме надвор од студијата што ја има Градот за пречистителна станица ги набавуваме, веќе се завршени мерењата за димензионирање на пречистителната станица и полека се движиме кон дооформуваме или завршување на техничките податоци што се неопходни за квалитетно изработување на тендерската документација за пречистителната станица. Пречистителната станица значи дека Скопје повторно ќе има чиста река. Отпадните води што се слеваат во овој момент по цевководниот систем директно во Вардар, најпрво ќе завршуваат по колекторскиот систем што сега го градиме, ќе одат во пречистителната станица каде што така прочистени ќе бидат оставени и ќе бидат пуштени во реката и е еден од можеби фундаменталните проекти кои ги води овој Град што се однесуваат на заштита на животната средина. По она што го имаме како план, по она што го имаме зацртано, пречистителната станица би требало некаде 2024/2025 година да биде пуштена во употреба.

Освен начинот на изградбата потребно е и да се пронајде начинот на кој ќе се реконструира канализациската мрежа на Градот Скопје. Мрежата треба да претрпи реконструкција со цел до новоизградената станица да можат да стигнат отпадните води. Какви се плановите во таа насока, имате ли капацитет за таков потфат?

Допрва ги правиме тие анализи. Во минатото водата во нашиот град поскапе 100 проценти со образложение дека ќе бидат заменети азбесните цевки за водовод и да се реконструира канализационата мрежа со цел Скопје да го подигне квалитетот на водата за пиење, но и понатаму менаџираме со отпадните води. За жал тоа нешто се нема случено. Ги правиме анализите и мерењата што ги имаме на протокот на отпадни води со цел да видиме дали и каде имаме загуба на системот на канализациската мрежа и тоа е нешто што мораме да го направиме. Прво затоа што мора да се димензионира пречистителната станица за потребите на градот во наредните триесетина години како објект и второ да видите дали и каде има проток на фекалии во почвата во Скопје. За жал првите податоци кажуваат дека треба да имаме сериозни интервенции во тековната канализација, но кога ќе ги добиеме целосно тие податоци едноставно ние ќе немаме поинаков избор освен да извршиме замена на системот онаму каде што тој проток се јавува.

Дали ќе има нови мерки, активности, проекти за намалувањето на загадувањето во Скопје во пресрет на новата грејна сезона?
Се што работам јас во изминативе скоро две години, каде директно, каде индиректно, ја засега животната средина, и за мене примарност на моите активности, на градската администрација е токму тоа. Оваа недела веќе претставивме еден сосема поинаков концепт на менаџирање со комуналниот отпад. Го решивме прашањето со Дрисла, во формална смисла, а во фактичка допрва треба да го воспоставиме. Скопје има систем на третман на комуналниот отпад наследен од 80-тите години и ништо не е сменето. Ова што сега го почнавме, оваа недела, е почеток на еден сосема поинаков третман на комуналниот отпад за што прво и основно треба на граѓаните да им понудите инфраструктура. Тотално застарениот систем и концепт, дури и да сака граѓанин да врши селектирање на отпад, да се придржува до некои стандарди што се нормални во европските градови немаше можност, сега отвораме полека такви можности, се надевам дека со фактичкото преземање на Дрисла ќе можеме и сепаратерката да ја финансираме сами како град со цел од една страна да извлечеме материјална корист за градот, од самиот процес на менаџирање со комуналниот отпад, од друга страна да го зголемиме капацитетот на времетраење на Дрисла затоа што сега како што се одвиваат работите се што како комунален отпад влегува во Дрисла се депонира без да биде извршена селекцијата, од друга страна Градот анализирајќи ги сите податоци што ги имаме во смисла на амбиенталниот воздух, е веќе поставен стратешки на сите болни точки.
Ние сме готови со концептот на современ, нов јавен превоз што ќе им понуди на Скопјани можност да го заменат автомобилот, бидејќи ќе биде и евтин и побрз и поеколошки од она што досега го имаме во нашиот град. Минатата недела потпишавме и набавка на автобуси на гас со светски, еден од најреномираните производители „МАН“, но тие не засегаат во овој концепт во кој што зборувам, тие само ќе помогнат во иднина. Како такво, очекуваме дека Владата својот дел што како вербална обврска го има истакнато дека ќе влезе во финансирање на тој концепт да го исполнат. Градот е спремен, кај нас се спрема и тендерската документација на целокупниот систем, така што очекувам во моментот кога Владата ќе ги одобри средствата ние како Град да можеме да стартуваме.
Сегментот на затоплување на домовите што во периодот што допрва доаѓа се јавува како најконтрибутен сегмент што придонесува во загадувањето на домовите. Градот во текот на минатата година го основа Градски енергетски системи (ГЕС). Сите дејствија ги преземавме ние пред две недели на последната седница на Советот, ги донесовме сите акти што ГЕС го ставаат во формална позиција да аплицира за добивање на лиценца за дистрибуција на топловодна мрежа во оваа фаза и снабдувањето во втората фаза, со цел да го доведеме Градот во позиција да биде креатор на енергетска политика во градот. Вака како што се сега поставени работите, во услови на постоење на три индивидуални системи, неповрзани, некаде греењето е поскапо, некаде е неатрактивно, некаде не до крај се користи енергијата што се произведува. Сметам дека стратешки градот мора да влезе во поврзување на тие три системи, зборувам за системот што го управува БЕГ, за системот што го управува ЕЛЕМ во овој момент, и за топлана Север кои се острови сами за себе што е нерационално. Градот е единствен субјект што има директен интерес во смисла на амбиенталниот воздух, во смисла на здравјето на граѓаните да ја креира таа енергетска политика и да ја развие мрежата, токму заради тоа е моето инсистирање да влеземе во имплементација на еден ваков сериозен потфат. Очекувам дека пред Нова година ќе имаме една од двете лиценци, а веројатно во почетокот на другата година ќе ја имаме и другата лиценца со цел Град Скопје да биде, да кажам условно, „господар“ на енергетската политика во градот и притоа иницираме до надлежните министерства бидејќи се во тек измени на законот за градба, затоплувањето на домот да биде еден од условите за добивање на градежна дозвола во иднина за да не ни се случува луѓето индивидуално да си го решаваат, особено во зградите за колективно живеење, да не ни се случи да купат стан во зграда, а сами да мора да го решат, едноставно да имаат обврска инвеститорите да го обезбедат затоплувањето на домовите кое што треба да е на еколошки начин.

Пред неколку дена промовиравте нов концепт за третманот на отпад во Скопје. Нови 540 контејнери со капацитет од 3.200 литри, 30 контејнери за селектирање отпад од 2.200 литри, 950 корпи за џебен отпад, 12 електрични машини за вакуумско чистење и десет електрични возила за чистење и миење на јавни површини. Воведувате новини се спроведуваат акции на ниво на општини, но скопските улици се уште не се чисти, каде е проблемот во надлежните или..?
Не се скопските улици нечисти, скопските улици се чисти, општинските улици и јас не сум задоволен колку се чисти. Главните улици и сообраќајници се надлежност за одржување на јавната хигиена во градот и навистина можам да истакнам дека сериозно е качен квалитетот на чистота на главните улици. Но, животот на луѓето се одвива на споредните и тука затоа и повикав при промоција на нешто што досега, да кажам како квантитет, но и како квалитет и како концепт не било понудено во нашиот град, промоцијата што ја имавме и на возилата и на контејнерите. Повикав сите општини да инвестираат сериозно во хигиената, особено хигиената на јавните простори чија надлежност ја има секој од нас индивидуално. Градот Скопје мора да предначи во таа битка за чистота на јавните површини, но општините едноставно мора да си преземат дел од своите обврски и да започнат многу посериозно да ги третираат јавните површини од тоа што досега било случај.

Реално кај нас, кога ќе почне да се селектира отпадот?
Врзан е целиот тој систем, ние сега ги поставуваме, се купуваат и контејнери за селекција на отпадот, тоа би требало на крајот да заврши со давање можност дури и на луѓето што живеат во индивидуални објекти неколку различни канти за различен вид отпад, но сето тоа е врзано со Дрисла, а Дрисла е капацитет на градот над кој што ние како Град немаме осум и пол години контрола. Во формална смисла, летово ги донесовме соодветните одлуки од страна на Советот, очекувам дека во фазата на запишување во централниот регистар конечно Дрисла ќе се врати како Јавно претпријатие со цел таму да воспоставиме целосна контрола затоа што контролирањето на Дрисла во правна и фактичка смисла значи отворање на можности за селектирање на отпад, така што често велам дека за жал овој град изминативе 30 години бил препуштен сам на себе, без соодветни стратегии, визии, планови кои што да речам сега кога јас дојдов би можел да ги надградам, едноставно такви системи не постоеја. Горд сум што можам да истакнам дека две години од сега кој и да седи на ова место ќе наследи или ќе презеде современи системи за третман. И она што го виде јавноста што се однесува токму на комуналниот отпад е нешто што досега го немало и начин, принцип, функционирање на работа каква што немало. За многу сегменти имате одговорност од Министерство за животна средина, Министерството за труд и социјална политика, МВР, Пазарна инспекција, Трудова инспекција и едноставно треба можеби некогаш и за основни работи кои се прилично едноставни за решавање, да направите сериозна координација меѓу повеќе институции на локално и централно ниво што ја отежнува реакцијата на институцијата. Природно е луѓето да очекуваат од градоначалникот на Скопје дека треба да ги презеде тие активности. За таа цел ние побаравме и понудивме концепт на Комунална полиција што ќе земе дел од ингеренциите на овие и побаравме процесот на децентрализација да се забрза. Формирана е работна група меѓу ЗЕЛС и Владата, некои од законските текстови се готови и Град Скопје го изготви текстот за Комуналната полиција со цел и тука да поставиме соодветна стратегија да одговориме на потребите на еден голем град.

Најавивте зголемување на инспекцискиот надзор и повеќе казни за несовесни граѓани. Сметате ли дека на таков начин ќе ја зголемите еколошката свест дека фрлениот отпад на улица е нешто што граѓаните го прават против сами себе?
Дефинитивно кога фрлате отпад на улица, работите против себе, од една страна. Од друга страна факт е дека таков тип на однесување не можете да го третирате само со апели, особено сега кога веќе почнуваме полека да го имплементираме новиот капацитет на комунална хигиена и 950 канти за џебен отпад од некаде 1.700 и нешто колку што досега ги имаме. Значи капацитетот за џебен отпад се зголемува за повеќе од половината. Едноставно кога веќе нудите алтернативи на граѓаните, порано можеби имало изговори „нема корпи, нема контејнери“, сега едноставно таков тип на изговор ќе немаме. Ако немаме изговор, тогаш е прашањето зошто да не го почитуваме она што секој здраворазумен човек го сака а тоа кога ќе погледне околу себе да му биде чисто. Во таа варијанта едноставно не ви останува избор освен да влезете во санкционирање. Впрочем јас не верувам дека било каде во светов се родиле попаметни од Скопјани или од граѓаните на државава, едноставно соодветни политики што траеле години наназад кај луѓето прават навика. Ние сериозно размислуваме и за комуналниот отпад да го надградиме и ова што сега го донесовме. Тргнувам од едноставна филозофија, луѓето кои имаат индивидуални канти во куќи, околу нивните канти вие не можете да видите куп ѓубре, тоа можете да го видите на т.н. неутрална територија околу контејнерите и веќе да речам некакви основни податоци полека се спремаат во градот Скопје за тоа како да влијаеме на луѓето, отпадот што го фрлаат на т.н. ничија територија да биде отпад што ќе го фрлаат на нивната територија, тоа е сепак еден процес меѓутоа не мислам дека треба да застанеме, на граѓаните брзо ќе им понудиме надвор од тоа што сега го понудивме, во текот на наредната година очекувам бидејќи сепак треба некои анализи да се довршат, треба да спроведеме постапки со цел да презентираме поинакви концепти од тоа што досега било, за жал лоши ни се навиките. Онаму каде што има подземни контејнери ќе видите брдо од ѓубре, а кога ќе го подигнете системот на подземните контејнери внатре е празно. Не мислам дека е тешко да го отворите капакот и да го фрлите ѓубрето таму каде што му е место. Тоа е нешто што треба да биде предмет на санкционирање и едноставно не постои поинаков начин освен да го санкционираме тоа.

Скопјани се жалат на валкани автобуси, нередовни автобуси, бараат воведување нови автобуски линии?
Кога ќе излеземе со концептот мислам дека многу луѓе ќе бидат изненадени. Автобуските линии такви какви што ги познаваме едноставно веќе нема да бидат присутни од една страна, од друга страна понискиот квалитет на комфор и на услуги кои ги има во дел од системот на јавниот транспорт се врзани со петгодишен договор кој излегува 2021 година така што да речам тој дел од обврските, зошто градот ги пренел, како ги пренел, зошто не побарал определени стандарди се работа што за жал сега, во средина или некаде во втората половина на имплементација на тој договор со приватните превозници едноставно градот не може да влијае. Она што можеме да влијаеме ние го правиме. Купивме автобуси, не купивме кинески автобуси, купивме од најреномираниот светски производител, треба да знаете дека еден единечен автобус на МАН собира колку еден двокатен, а еден од зглобните автобуси собира за околу 40 до 50 отсто повеќе од она што може да влезе во зглобните автобуси. Трагично е што постои систем како целиот овој концепт да го завршите за 90 до 100 милиони евра, а за кинеските автобуси потрошивме 80. Тоа значи дека овој град го воделе луѓе без визија, без план, без стратегија каде треба да оди. Последната анализа на потребите на граѓаните на Скопје за автобуски линии извршена е 1984 година. И затоа и се жалат сега луѓето, затоа што ние возиме по систем што бил воспоставен согласно потребите од 1984 година и некаде само се продолжувале линиите. Тоа е тоа што е инвестирано во системот, не е автобуски, не е јавен транспорт како систем да имате само ново возило, туку да е функционално, брзо и евтино.

Дали има нови детали за продажбата на Градската куќа?
Јас пишав писмо до сите советнички групи бидејќи ако во нешто верувам во животот тоа е транспарентноста, сите советнички групи до денес да достават свој претставник кој ќе биде на извесен начин надворешен член или надзор на работата за продажбата, откако ќе ги добијам сите дописки и од кога ќе истече рокот тогаш ќе ја свикаме седницата на комисијата, ќе ги повикаме претставниците да присуствуваат и ќе одиме со јавен оглас. Ние ќе направиме обид да продадеме еден објект што не е достоен за градот Скопје, нефункционален. Место што не е поврзано со јавен транспорт или нема ни паркиралиште за луѓето што треба градот да ги опслужи, место што едноставно е недостојно за главен град. Погледнете ги главните градови во Европа. Во Тирана на плоштад, во Софија на плоштад, во Љубљана на плоштад, во Сараево е на центарот… Едноставно тоа е стандардот што го сакам. Ако успееме да ја продадеме Градската куќа таков стандард и ќе запазиме. Притоа до цент што е вложено, до денар што е вложено од граѓаните на Скопје преку буџетот на градот ќе биде вратен затоа што е тоа минималната цена од која ние ја стартуваме продажбата и под која нема да се спуштиме.