Фрчкоски: Тендерот за автобусите пропадна затоа што бил местен за 12 милиони евра повеќе
Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на СДСМ, тврди дека тендерот за автобусите пропаднал затоа што бил местен за 12 милиони евра повеќе.
„Додека граѓаните со часови чекаат по станиците и се возат во распаднати автобуси, фокусот на власта е исклучиво со местење тендери и милионски зделки. Затоа пропадна тендерот за набавка на 150 автобуси кој го најавуваше Орце (Ѓорѓиевски) и затоа скопјани уште ќе чекаат, ќе дремат по автобуски станици, ќе доцнат, ќе се варат или ќе мрзнат“, истакна на прес-конференција, при што презентираше документ за кој тврди дека е уште една потврда за тоа каква им била намерата.
„Ова е официјална претставка до Министерството за транспорт, која јасно и недвосмислено ја потврдува нашата теза: преземањето на надлежностите за набавка на автобуси не беше за да му се помогне на Скопје, туку за да се избере однапред договорена фирма, блиска до нивниот политички партнер Виктор Орбан“, рече Фрчкоски.
Според него, дописот јасно укажува на координиран чин на елиминирање на другите понудувачи за да се избере фаворизираниот.
Притоа додаде дека иако основниот критериум бил најниска цена, се избрал скап понудувач, односно дека постоела понуда која е поевтина за 12 милиони евра, или по автобус, точно 78,563 илјади евра.
„Ова не е случајна грешка. Организирана криминална група бил писмено предупредена за оваа поевтина понуда во неколку наврати – уште во ноември 2024 и во декември 2025 година. Тие свесно туркале поскап тендер за унгарските автобуси“, рече Фрчкоски, додавајќи дека тендерот одеднаш е поништен не затоа што ВМРО-ОКГ или Министерството се загрижија за правдата. туку затоа што биле фатени на дело.
„Поради скандалозното однесување, случајот го презема американскиот адвокатски тим „The Ticktin Law Group“, кој најавува дека за овој меѓународен скандал ќе ги извести Белата куќа, Стејт департментот и Американската амбасада во Скопје“, изјави Фрчкоски.