Шест основни училишта во Битола добија фотоволтаици


Општина Битола ја заврши реализацијата на проектот „Сончеви училишта“, преку кој беа поставени фотоволтаици на шест основни училишта во градот и населени места.

Проектот „Сончеви училишта“ ги поддржува училиштата, а со тоа и локалната заедница во справување со климатските промени, обезбедувајќи енергетска безбедност и промовирајќи фер зелена транзиција, соопштија од Општина Битола.

Во наредниот период ОУ „Александар Турунџев“ во село Кукуречани, ќе произведува 15.872.47 KWh енергија и годишно ќе ги намали јаглеродните емисии за 15.491.53 килограми. ОУ „Елпида Караманди“ ќе произведува 4.308.14 KWh, намалувајќи ги јаглеродните емисии годишно за 41.292.74 килограми. ОУ „Стив Наумов“ ќе произведува 22.314.50 KWh, намалувајќи ги јаглеродните емисии годишно за 21.778.95 килограми. ОУ „Крсте Петков Мисирков“ во село Бистрица ќе произведува 16.645.89 KWh, намалувајќи ги јаглеродните емисии годишно за 16.246.39 килограми, ОУ „Св. Кирил и Методиј“ ќе произведува 36.511.70 KWh, намалувајќи ги јаглеродните емисии годишно за 35.635.42 килограми и ОУ „Коле Канински“ ќе произведува 48.393.45 KWh електрична енергија, намалувајќи ги јаглеродните емисии годишно за 47.232.01 килограми.

Од секторот за односи со јавност на Општина Битола нагласуваат дека училиштата ќе имаат годишна заштеда на средства од околу 15.000 евра, а заштедата ќе биде реинвестирана во училиштата, во зависност од нивните потреби и приоритети.