Подната фонтана на плоштад пуштена на пробна работа
Подната фонтана на плоштадот „Македонија“ во Скопје е пуштена во пробна работа, а во тек се проверките и нагодувањата пред нејзиното целосно функционирање, информираше градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој најави дека просторот повторно ќе им биде на располагање на граѓаните и дека нема да се дозволи низ него да поминуваат автомобили и тешки товарни возила.

Ѓорѓиевски посочи дека плоштадот „Македонија“ и Камениот мост редовно и темелно се чистат, со цел да се зачува изгледот на едни од најпрепознатливите обележја на Скопје.
Воедно, градоначалникот нагласи дека обновата на фонтаната по години запоставеност е дел од заложбите за уредување на центарот на градот и враќање на просторот за детска игра, средби и дружење.