Слаб снег на Стража, нема проблеми во сообраќајот (видео)
Слаб снег попладнево провејуваше на планинскиот превој Стража на патот Гостивар-Кичево, но наносите не се задржуваат на коловозот.
На социјалните мрежи и на порталот „Порта“ се споделуваат видеа од патот кон Стража на кои може да се види дека провејува снег.
И на јутјуб-каналот на Здружението за промоција на македонските ски-центри, „Ски Македонија“, каде што се емитуваат видеа во живо, може да се види дека во дел од скијачките центри вее снег.
Според последните информации од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) и од „Македонија пат“, објавени во 18 часот, сообраќајот на сите државни патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Оттаму препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата.
Снег и на Копаоник
Според веб-страницата на Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ), денес на Копаоник е измерена температура од минус два степена Целзиусови.
Планината веќе изгледа како да е во екот на зимската сезона – недостасуваат само скијачите. Со температури кои паѓаат под нулата, Копаоник постепено добива вистински зимски изглед, иако сè уште е октомври.
Според временската прогноза за следните седум дена – до 29 октомври – утрата во Србија ќе бидат свежи, а на места дури и студени.
View this post on Instagram
Сепак, дневните температури се очекува да бидат генерално попријатни. До недела ќе се задржи суво време, со подолги сончеви периоди и дневни температури кои главно ќе се движат меѓу 14 и 20 степени. Исклучок ќе биде петок наутро, кога зголемената облачност на југот и истокот од Србија може да донесе слаб дожд во одредени области.
Почетокот на следната недела носи нова промена на времето. Во понеделник се очекува облачно време, проследено со дожд и благ пад на температурите, додека во вторник и среда се можни слаби врнежи, главно во ридско-планинските предели.