Олигарх многу близок до Виктор Орбан ќе го гради автопатот Букојчани – Кичево

Ласло Сиј и неговата компанија „Дуна асфалт“ се збогатија со државните зделки за време на владата на Орбан. Неговата работа е под истрага во Унгарија


Ласло Сиј (лево) нагло почна да се погати откако Виктор Орбан почна да 1 доделува државни преокти на неговата компанија „Дуна асфалт“

 

Покрај фанфарите на пред десетина дена за почетокот на работите на автопатската делница Букојчани – Кичево остана незабележано дека компанијата на блискиот пријател на Виктор Орбан, олигархот Ласло Сиј (68), ќе учествува во изградбата на овој патен правец во Македонија.

Конзорциумот на „Штрабаг“ и „Дуна асфалт“ (компанија на Ласло Сиј) го доби меѓународниот тендер од 219 милиони евра за изградба на делницата Букојчани-Кичево на автопатот Е65 во Северна Македонија, објави компанијата „Дуна асфалт“.

Во нејзината самопофалба за изградбата на автопатската деллница стои дека проектот е делумно финансиран од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која обезбедува заем од 110 милиони евра, а Европската унија придонесува за инвестицијата со околу 20 милиони евра неповратна поддршка преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.

Овој конзорциум ја доби задачата од десет претквалификувани апликанти во повеќефазен тендерски процес кој траеше повеќе од една година. Очекуваното времетраење на проектот е четири години.

Трасата од 11,5 километри минува низ планински терен, така што најважните технички елементи на проектот вклучуваат тунел со две ленти од приближно 370 метри и два вијадукти, како и изградба на поврзани крстосници, мостови, потпорни ѕидови, системи за одводнување и објекти за безбедност во сообраќајот. Градежните работи се очекува да започнат на почетокот на 2027 година по потпишувањето на договорот, објави „Дуна асфалт“.

Оваа информација за вклучување на олигархот на Орбан во македонските градежни работи беше забележана во унгарските медиуми со констатации дека врските меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Фидес не се прекинати.

Според „Форбс“ нето богатството на Ласло Сиј е 1,6 милијарди долари. Тој е петтиот најбогат Унгарец. Ласло Сиј е коосновач и сопственик на „Дуна асфалт“, водечка градежна компанија за патишта и мостови во Унгарија.

Компанијата бележеше брз раст од средината на 2000-те години благодарение на владини договори кога премиер беше Виктор Орбан. Таа во поново време бара можности за развој и надвор од Унгарија, преку преземање слични компании во Романија, Чешка и Полска.

Премиерот Христијан Мицкоски на почетокот на работите на делницата Букојчани – Кичево

Сиј е исто така деловен партнер на Лоринц Месарош, најбогатиот човек во Унгарија, а поседува и две јахти на кои угостил неколкумина припадници на унгарската политичка и економска елита. На една од нив на Јадранот летуваше и Петер Сијарто како министер за надворешни работи.

Во летото, владата на Петер Маѓар ги стопираше или суспендираше проектите и плаќањата во вредност од неколку илјади милијарди форинти на кои Групацијата „Дуна“ можеше да смета врз основа на одлуките на кабинетот на Орбан. Ова ја вклучи изградбата на автопатот во Замбија и Конго, која беше поддржана од државната Ексимбанк со емисија на обврзници, а државата гарантираше 80 отсто од финансирањето, иако и двете африкански држави спаѓаат во категоријата со најголем ризик.

Во средината на септември, „Дуна асфалт“ објави дека со камата го отплатила износот на обврзниците поврзани со проектот, па „унгарската држава, а со тоа и даночните обврзници нема да бидат оптоварени со никаков финансиски ризик во иднина“, напишаа тогаш.

Од 2015 година „Дуна асфалт“ станува клучен играч во изградбата на инфраструктурата во Унгарија кога се здружува со најбогатиот Унгарец Лоринц Месарош. Нивните компании ги добиваа сите клучни проекти во Унгарија од владата на Орбан. Инаку, Месарош е најдобар пријател од детството на Виктор Орбан и од техничар за поправка на бојлери на гас стана најбогат Унгарец.

Богатството на Ласло Сиј е 1,6 милијарди долари. Тој е на петтото место на најбогатите Унгарци

Како дел од напорите за преиспитување на преземените финансиски обврски од времето на Орбан, владата на Маѓар соопшти дека ќе ја запре изградбата на продолжението на еден автопат во јужна Унгарија и побара од „Дуна асфалт“ да ги врати средствата што компанијата ги добила за овој проект пред изборите.

Вицепремиерот Александар Николоски во неодамнешното интервју за „360 степени“ на МТВ задоволно се пофали дека на почетокот на работите на трасата Букојчани – Кичево присуствувал и в.д. амбасадорот на Унгарија, сакајќи да каже дека врските со Будимпешта на владата на ВМРО-ДПМНЕ не се прекинати и покрај промената на власта во Унгарија. (Н.В.)