Филипче со граѓаните на Босилово: Рудник Иловица – Штука нема да има, нема да дозволиме Мицкоски да ја распродава земјата
Денеска граѓаните од општина Босилово не поканија нас како пратеници и вечерва сме тука заедно со пратениците Јована Тренчевска, Борче Цветков и Миле Цеков, како и други луѓе, активисти граѓански, претставници на невладини организации, на средба со граѓани. Ова не е партиски собир, значи ова не е собир на членови на СДСМ, овде се присутни граѓани коишто се членови на други политички партии дури и на ВМРО, меѓутоа и граѓани коишто не членуваат во политички партии и се едноставно исплашени за најавата дека овде ќе се отвори рудникот во општина Босилово поточно во местото Штука односно Иловица – рудник за којшто концесиите се даваа, се одземаа, се наведува во соопштението на СДСМ.
Филипче додаде дека сега власта покажува сериозни намери овој рудник да се отвори.
„Сакам да го образложам прво целокупниот овој процес.Имено сега во овој период има предлог да се донесе нов просторен план за територија на цела држава и за тој просторен план којшто се носи од Министерството на животна средина има јавни дебати“, рече Филипче.
Тој посочи дека за прв пат тука, во Крива Паланка меѓутоа и на Кожув во близина на Гевгелија се маркирани рудници. Тоа, според него значи дека оваа власт има намера овие рудници коишто се маркирани во новиот просторен план, којшто е прв чекор во процесот формален и официјален на отворањето и ставањето функција на рудниците тоа да се случи.
„И затоа сакам да упатам јасна и недвосмислена порака – нема да дозволиме оваа власт на Христијан Мицковски во состојба и ситуација кога се притиснати од сите страни и немаат пари за ништо, затоа што целокупните неколку минати буџети од овие повеќе од две и пол години колку се на власт ги потрошија на партиски тендери, сега да ја распродаваат македонската земја за нивни бизнис интереси“, рече Филипче.
Тој упати, како што рече, „ јасна и недвосмислена порака“ дека рудник овде нема да има и дека „тоа ние ќе го гарантираме“, прво како пратеници, а второ и како граѓани на оваа држава, затоа што никој нема право да ја распродава македонската земја за сопствени бизнис интереси.
„Нема да дозволиме да поминат формалните процеси затоа што ќе бидеме експлицитно против, со аргументи, на крајот на краиштата ќе формираме и жив ѕид – овде рудник нема да нема да има“, беше дециден Филипче.