Се најавува крај на вработувањата со договори за дело во администрацијата
Илјадници лица ангажирани во јавниот сектор кои со години работат со договори на дело, авторски договори или преку агенции за привремени вработувања во локалната администрација, јавните претпријатија, културните установи и здравството, се на чекор до добивање редовен работен однос на неопределено време. Со новиот Предлог-закон за трансформација во редовен работен однос се предвидува воспоставување на јасни правила за решавање на статусот на оваа категорија граѓани, кои со години ги извршуваат своите обврски и придонесуваат за функционирањето на институциите, но живеат во постојана економска и правна несигурност.
Предложеното решение наметнува прецизни обврски и рокови за раководителите на институциите. Сите органи на државната власт, локалната самоуправа, јавните установи од областа на здравството, културата, социјалната заштита, како и фондовите и заводите, ќе имаат рок од 90 дена од стапувањето во сила на законот за да ги донесат решенијата за вработување. Процесот ќе се реализира фазно, при што за најмалку 50 проценти од опфатените лица трансформацијата ќе стапи во сила веднаш, а за преостанатите најдоцна до 31 декември 2027 година. Законот предвидува и заштитен механизам според кој институциите нема да смеат да ги раскинуваат договорите на опфатените лица додека трае постапката, освен во случаи на сериозна повреда на работните обврски.
Хронологијата на македонското законодавство покажува дека ова не е прв обид за масовно регулирање на статусот на хонорарните работници преку посебно законско решение. Речиси идентичен правен преседан државата донесе и во февруари 2015 година, кога исто така се примени модел со фазна имплементација и рок од три месеци за распишување на решенијата. Сепак, клучната разлика во новиот предлог се однесува на идните заштитни механизми кои треба да спречат повторно натрупување на фиктивни хонорарци во администрацијата. Додека во 2015 година идниот ангажман на лица со договори на дело беше строго ограничен на само 1 процент од вкупниот број вработени со закана од затворски казни за раководителите, новото решение е пофлексибилно и дозволува лимит до 10 проценти по 1 јануари 2028 година, но воведува прекршочни глоби за директорите во износ од 250 до 500 евра.
Од опфатот на овој закон сепак остануваат изземени неколку клучни сектори во државата. Правата за трансформација нема да важат за акционерските друштва, воениот и цивилниот персонал во Армијата, вработените во Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, финансиската полиција, како и кадарот во основните, средните училишта, високообразовните установи и студентските домови. За сите останати установи, клучниот филтер ќе биде во рацете на Министерството за финансии, кое ќе има обврска да ја контролира документацијата и да издава финални согласности единствено доколку се исполнети законските услови и доколку трансформациите се во согласност со расположливите буџетски средства на самите институции.