Шест месеци по експлозијата во Бејрут семејствата на жртвите бараат одговори


Членовите на семејствата на жртвите од смртоносната експлозија на бејрутското пристаниште што се случи во август лани, денеска бараа од либанската влада да ги објават наодите од истрагата за експлозијата.

Преживеаните, држејќи фотографии од жртвите, се собраа во близина на пристаништето за да одбележат шест месеци од катаклизмичната експлозија во која загинаа најмалку 193 лица, 6.000 беа повредени, а стотици останаа без своите домови.

Експлозијата на 4 август беше предизвикана од тони амониум нитрат, кој бил неадекватно складиран во пристаништето.

Сè уште нема одговор од властите

Насобраните на комеморацијата во четвртокот, од кои дел членови на семејствата на настраданите, го изразија својот бес што сè уште немаат одговори.

„Поминаа шест месеци, а сè уште нема одговор на правосудните и политичките
власти за тоа кој е одговорен за страдањето на нашите деца“, рече за ДПА Хиам Бекај, која во експлозијата го изгуби 30-годишниот син.

Досега истражителите не кажаа кој го донесол амониум нитратот во пристаништето.

Знаеме само дека децата нѝ загинаа

„Во почетокот владата рече дека ќе треба пет дена за да се открие виновникот“ вели Фатима Харб, чиј син Мохамед загина во експлозијата. „Но, засега не знаеме ништо. Знаеме само дека децата нѝ загинаа. Ја сакаме вистината, само толку“, додава таа.

Семејствата на жртвите неколкупати побараа меѓународна истрага за експлозијата.

Либанските власти го одбија тој предлог и место тоа го именуваа поранешниот судија на воениот суд да ја истражи експлозијата.

Во средата Хјуман рајтс воч го критикуваше Либан дека правдата ни шест месеци по експлозијата не е задоволена.