Шекеринска: Словенија ги става на располагање своите капацитети за гасење на пожарите кај нас


Штотуку разговарав со словенечкиот министер за одбрана Матеј Тонин – Словенија ги става на располагање сите свои капацитети за гасење на пожарите кај нас, објави на нејзиниот ФБ профил министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

– Веќе започна комуникацијата помеѓу институциите. Благодарност до нашите пријатели и сојузници во НАТО. Благодарам Матеј!#НиеСмеНАТО, напиша Шекеринска на фејсбук.

Во разговорот, министерката Шекеринска информираше за вклученоста на Армијата и поддршката која армиските сили ја даваат на државните институции во справување со огнените стихии и изрази благодарност за подготвеноста на нашиот НАТО сојузник, Словенија, да помогне во справувањето со оваа елементарна непогода.

Министерот Тонин изрази жалење за состојбата и додаде дека во неволја се познаваат вистинските пријатели.

„Можете да сметате на нас“, порача министерот Тонин.

Комуникацијата на ниво на институции за координација на словенечките капацитети за помош во справувањето со пожарите е во тек, соопшти Министерството за одбрана.