Шекеринска: Армијата дава клучна поддршка во справувањето со пожарите


Армијата дава клучна поддршка на сите централни и локални институции и во прилепскиот регион, каде што веќе неколку дена се активни на повеќе локации. Успеаја да ги локализираат и да ги изгасат голем дел од пожарите, но за жал и денеска чув и од нив дека нови жаришта се појавуваат, дел достапни, дел недостапни, истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска при посетата на припадниците на Армијата во касарната во Прилеп, како и војниците кои се ангажирани во справувањето со пожарите во реонот на селото Топлица.

Тие, со неа го споделиле сомнежот дека еден дел од тие пожари се и намерно поставени, посочувајќи дека заради тоа продолжуваат да бидат присутни таму за да не дозволат огнот повторно да се разгори.

Припадниците на Армијата ја информирале министерката Шекеринска дека во касарната во Прилеп активна е т.н. единица во приправност, која доколку има потреба веднаш ќе се вклучи во гасење на евентуални пожари во тој регион.

– Шекеринска порача дека Армијата дава и ќе продолжи да дава огромна поддршка во справувањето со пожарите низ целата држава. Таа додаде дека иако пожарот во реонот на селото Топлица е изгаснат, војниците ќе продолжат да бидат присутни во овој регион, наведоа од Министерството за одбрана.

Пожарот кој се разгоре на непристапен терен на шест километри од Топлица, во попладневните часови ќе го гасне авионот на романското воено воздухопловство, кој пристигна вчера и веднаш се вклучи во справувањето со пожарите низ целата територија на нашата земја.