Шефот на неодамна основаната хуманитарна фондација за Газа поднесе оставка


Вашингтон – Шефот на новата хуманитарна фондација за дистрибуција на помош во Појасот Газа поднесе оставка, соопшти синоќа организацијата поддржана од САД.

Извршниот директор на Хуманитарната фондација за Газа (GHF), Џејк Вуд, изјави дека не е возможно да се спроведе планот за организација за помош на Појасот Газа „со строго почитување на хуманитарните принципи на хуманост, неутралност, непристрасност и независност“.

Организацијата, основана пред неколку месеци со седиште во Женева, на 14 мај соопшти дека планира да дистрибуира околу 300 милиони оброци за време на почетен период од 90 дена.

ОН и невладините организации постојано изјавуваа дека нема да учествуваат во распределбата на помошта од оваа фондација, обвинета за соработка со Израел. ОН оценија дека таа фондација не ги почитува принципите на „непристрасност, неутралност и независност“.

Невладината организација „Трајал интернешнл“ (Trial International) во петокот соопшти дека побарала од швајцарските власти да почнат административна истрага за да утврдат дали GHF се придржува до законите, особено во врска со планираното користење безбедносни компании за транспорт на помош од граничните премини до местата на дистрибуција.

– Пред два месеци, бев замолен да го водам GHF поради моето искуство во хуманитарната област. Како и многу други низ светот, бев ужаснат и шокиран од кризата со глад во Газа, рече Вуд и додаде дека се чувствувал „принуден“ да помогне.

Израел кон средината на март, по двомесечно примирје, ја продолжи офанзивата на Појасот Газа и ги интензивираше воените операции на 17 мај, со цел уништување на палестинското милитантно движење Хамас, ослободување на преостанатите заложници и преземање контрола над територијата.