Шарл Мишел си изврши политичко харикири, сите се уморни од него
БРИСЕЛ – „Во ред, разбирам дека морам да го вратам шампањот во фрижидер“, е реакцијата на еден функционер на ЕУ откако претседателот на Европскиот совет,Шарл Мишел, објави дека ќе остане на својата функција до крајот на својот мандат во ноември. Официјалните лица често го истакнуваат хаотичното справување со состаноците на лидерите и со работите на Советот, како и ривалството со претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен, како причини да се очекува промена на оваа позиција.
„Меурот“ од Брисел беше скандализиран и од објавата на Мишел пред три недели дека има намера да се кандидира за Европскиот парламент, и од неговото поништување на најавата во петокот навечер.
„Сите се уморни од Мишел“, рече еден белгиски функционер. „Сè што му преостанува сега е да се погрижи состанокот да започне навреме и секој да има пенкало што функционира“, рече еден дипломат на ЕУ, кој, како и другите цитирани во овој текст, доби анонимност за да зборува искрено за еден од најпознатите личности на ЕУ.
Улогата на претседателот на Европскиот совет, една од главните институции на Европската унија, е клучна за посредување во договорите меѓу 27-те лидери на блокот. Тоа е особено критична позиција пред специјалниот состанок на шефовите на влади на ЕУ овој четврток, каде што 26 лидери ќе треба да го убедат унгарскиот премиер Виктор Орбан да ја деблокира помошта од 50 милијарди евра за Украина, додека таа влегува во третата година од војната со Русија. По неговиот пресврт Мишел има уште помал политички кредибилитет да донесува итни одлуки. А некои во Брисел веќе испитуваат имиња за негова замена.
„Тој изврши политичко харакири“, рече истиот дипломат на ЕУ цитиран погоре. „Сега нема ни трошка кредибилитет“.
Останувањето на Мишел нема да направи голема разлика, рече втор дипломат. „Веќе не влева голема доверба како претседавач со Европскиот совет“, додавајќи дека „сме виделе претходно како [холандскиот премиер Марк] Руте претседава од страна“.
Влогот на самитот оваа недела е голем. Потпишувањето на помошта за Украина е од суштинско значење и за Киев и за пораката на ЕУ до Русија дека Украина ја има поддршката од Брисел, особено додека Вашингтон се бори да договори сопствени пари за Украина. Самиот Мишел повика на специјален европски совет кога лидерите на ЕУ не успеаја да се договорат за испраќање на парите на нивниот состанок во декември.
И додека неговиот пресврт можеби беше непопуларен, европските лидери сега ќе се фокусираат на одлуката да ја поддржат Украина наместо да разговараат за плановите за наследување, бидејќи Мишел ќе остане на функцијата до крајот на ноември наместо да го заземе своето место во Европскиот парламент во средината на јули. Оние кои го бранат велат дека и онака имало мал притисок. Останувањето на Мишел „не прави разлика. Тој и онака не заминуваше сега“, рече трет дипломат. „Кандидирањето на избори е она што го прават тие [политичарите]“.
Сепак, најавата на Мишел го поттикна стартниот пиштол на европската трка за врвни работни места. Европските метрополи сега активно размислуваат како да ги распределат главните функции во Европскиот совет, Комисијата, Парламентот и дипломатската служба на ЕУ по европските избори во јуни.
Мете Фредериксен, актуелниот социјалистички премиер на Данска, е име што продолжува да се шири низ Брисел. За некои, таа се смета за премногу десничарка во однос на миграцијата, но тоа би можело да биде политички плус доколку Европскиот парламент се заниша повеќе надесно, како што се очекува.Но, јужноевропските социјалисти сè уште се надеваат дека португалскиот премиер Антонио Коста, кој беше фаворит да го замени Мишел, ќе биде недопрен од истрагата за корупција што ја принуди неговата влада да поднесе оставка.
Друго име што се повторува во Брисел е поранешниот италијански премиер Енрико Лета, кој доби задача да подготви извештај за иднината на единствениот пазар за европските лидери.Оваа домашна задача му даде на Лета, поранешниот лидер на италијанската левичарска Демократска партија, изговор да го обиколи блокот, велат дипломатите, иако не е јасно дали поранешниот премиер ќе ја добие поддршката од десничарската влада на Џорџија Мелони.
Засега, Мишел останува, а неговите бранители укажуваат на зголемената контрола со која ќе мора да се соочи пред големата одлука на ЕУ за Украина.
„Европа требаше да ја прифати и да ја охрабри неговата одлука да се потчини на изборната волја на народот“, рече Нима Хери, претседател на меѓународниот комитет на младинското крило на партијата на Мишел МР. „Наместо тоа, тие сега треба да се справат со последиците од нивното малтретирање до тој степен да го натераат мажот со почит да каже: доста е“.
Но, дури и функционерите од неговата либерална групација Обнова не можат, а да не изразат олеснување што Мишел нема да се кандидира за Европскиот парламент.
„Многу малку членови сметаа дека неговото доаѓање во Парламентот е добра вест“, рече функционерот. „Кога има три опции, тој секогаш ја избира најлошата“. (Политико)