Шанса за Центар бара запирање на сите градежни зафати на Водно


Фото: Б. Грданоски

Советничка група на Шанса за Центар упати барање до Општина Центар и градоначалникот на  за стопирање на сите градежни зафати на Водно.

-Бараме итно да се запрат сите градежни активности на Водно и да се  запре со сечење на шумата на Водно.Се води судски спор “Плацови на Водно”  со кој се истражува и преиспитува законитоста па постапките за продажба на земјиштето. Со тоа бараме да не се преземаат никакви активности во подрачјето, сѐ до правосилно завршување на судскиот процес.

Сето ова е во прилог на заштита на јавниот интерес и безбедноста на граѓаните, кои се загрозени од сечата на шумата и градењето. Научно и со анализи е докажано дека шумата на Водно има клучно значење за заштита на Општина Центар од поплави и порои и е круцијална во борбата против загадувањето на воздухот. 

Бараме да се избегнат и големите трошоци за пробивање на исклучително стрмен пристапен пат до локациите на кои се планира градба, а со тоа и да се заштити  правото на приватна сопственост на жителите на кои им се планира одземање на делови од дворовите за пробивање на патот.

На средбата меѓу претставници на општината и жителите на Водно која се одржа во понеделникот, жителите најавиле тужба и дека ќе бараат времена мерка за запирање на градежните зафати. Симптоматично е што само неколку часа подоцна, во раните утрнски часови во вторникот инвеститорот со приватно обезбедување почнува да ја оградува парцелата. Бараме општината итно, јасно и со конкретни мерки да застане во одбрана на јавниот интерес и безбедноста на граѓаните, стои во реакцијата.