Сестри, снаи, внуци и синови на функционери вработени во М-НАВ
Во М-НАВ се вработени сестра на министерот за надворешни работи Бујар Османи, снаа на вицепремиерот Артан Груби и внук на министерот за земјоделие Љупчо Николовски, како и роднини на поранешни министри и пратеници, објави „Код“ на ТВ Телма.Истражувањето на „Код“ доаѓа откако премиерот Димитар Ковачевски кажа дека М-НАВ е станата како семејна фирма и дека таму се вработувале до трето колено.
„Таму од поодамна е вработена сестрата на министерот за надворешни Бујар Османи, снаата на првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби, снаата и синот на поранешниот пратеник на ДУИ, Ејуп Аљими, внукот на советникот во М-НАВ Беким Незири, како и внукот на министерот за земјоделиe Љупчо Николовски. Извори во М-НАВ велат дека е вработен и внук на заменик-министерот за внатрешни работи Назим Буши. Роднините на Николовски и Незири работат како помошници контролори , а во оператива работи и сестрата на Османи, останатите се во администрација“, објави „Код“.
„Код“ објави и детали од седницата на Влада од 9 јануари, кога на дневен ред беше разрешувањето на менаџментот на М-НАВ, по насилниот упад во зградата на Контролната кула на Скопскиот аеродром на 4 јануари.На седницата, двајца министри од ДУИ, Бујар Османи и Крешник Бектеши почнале да ја префрлаат вината на синдикатот, а на премиерот му сугерирале дека ако бидат сменети директорите во М-НАВ, тоа би било толкувано како попуштање на синдикатот на контролори на летање. Таквата дискусија била прекината од премиерот и други министри со образложение дека воопшто не станува за состојба која што би се толкувала како победа или пораз, туку за состојба која бара итна реакција поради воздушниот сообраќај и меѓународните обврски на државата.
На седницата потоа беше разрешен директорот на М-НАВ и претседател на Управниот одбор, Фахрудин Хамиди, и на негово место беше назначен Хекуран Асани, кој работи како контролор на летање 20 години.