Сестрата што изнесуваше цитостатици од Онкологија доби две години затвор – не им е достапна на органите на прогонот


Фото: Б. Грданоски
 

Медицинската сестра од Клиниката за онкологија Амела Османовиќ е осудена на казна затвор од две години, затоа што од Клиниката во три наврати, во три различни денови, изнела ампули меѓу кои и цитостатици наменети за пациентите со карцином, а со намера да стекне материјално богатство.

Пресудата е правосилна. Обвинителството барало повисока затворска казна, но Апелација не го уважила таквото барање.

Случајот кој се водеше против 29-годишната медицинска сестра е засебен и не е поврзан со големата истрага за злоупотреба на биолошката терапија на Клиниката, а каде што Јавното Обвинителство сомничи 5 лица меѓу кои и четворица доктори.

И покрај тоа што Османовиќ е осудена на 2 години затвор, таа како сопатничка во автомобил сопственост на машко лице излегла од земјава на граничниот премин Табановце уште пред да почнат судењата, па следствено ѝ е судено во отсуство, не им е достапна на органите на прогонот и нема почнато да ја изржува затворската казна.

За неа немало мерки на претпазливост како одземање на пасошот поради опасност од бегство пред да почне судската постапка.

Кривичното дело за кое е осудена младата медицинска сестра е проневера во службата.

Против Османовиќ била отворена дисциплинска постапка и во 2020 година за друго изнесување на лекови. Тоа е посебен предмет за кој веќе има првостепена пресуда, но одлуката не е правосилна, па казната затвор засега останува 2 години.