Секретарка во конц-логор на 95 години обвинета за масовни убиства


Конц-логорот Штутхоф не е зачуван целосно и тој сега е претворен во меморијален центар

Жена која сега има 95 години, која работела за командант на нацистички логор, е обвинета во северна Германија за помагање и масовно убиство.

Жената, именувана во медиумите како Ирмгард Ф. и која живее во дом за грижа во Пинеберг кај Хамбург, е обвинета во врска со „повеќе од 10.000 случаи“.

Таа беше секретарка на СС командантот на Штутхоф, брутален логор во близина на денешен Гдањск, каде за време на Втората светска војна загинаа околу 65.000 затвореници.

Не е јасно дали ќе се соочи со судење. Нејзината улога сè уште се изучува.

Штутоф е основан во 1939 година, во тогашна Полска, окупирана од нацистите, а чуварите започнаа да користат комори за гас во јуни 1944 година. Советските трупи го ослободија во мај 1945 година, како што завршуваше војната.

Околу 100.000 затвореници беа чувани во Штутоф во тешки услови – многу починаа од болест и глад, некои беа отруени со гас, а на други им беа дадени смртоносни инјекции.

Многу од жртвите биле Евреи; имало и нееврејски Полјаци и заробени советски војници.

Судот за малолетници во Шлезвиг-Холштајн сега треба да одлучи дали случајот на екс-секретарката треба да оди на судење. Во времето на злосторствата таа била под 21 година, па се смета како малолетничка.

Таа тврди дека никогаш не знаела дека луѓето се убиваат со гас во кампот.

Тоа е невообичаен случај, бидејќи многу малку жени некогаш биле судени за злосторства во нацистичките логори, а повеќето случаи биле насочени кон чуварите на логорите, а не кон секретарите.

Обвинителите ја испрашуваа Ирмгард Ф. и започнаа да го испитуваат нејзиното СС досие во 2016 година. Една обвинителка, исто така, интервјуираше преживеани од Штутхоф, кои сега живеат во Израел, објави германскиот јавен радиодифузер АРД.

Таа е обвинета за „помагање и поттикнување убиство во повеќе од 10.000 случаи“, како и за соучесништво во обид за убиство.

Во обвинението се вели дека таа „им помагала на одговорните во логорот во систематското убивање на еврејски затвореници, полски партизани и советски руски воени затвореници, во нејзината функција како стенограф и секретар на командантот на логорот“ помеѓу јуни 1943 и април 1945 година.

На поранешниот командант Пол Вернер Хоп му беше изречена деветгодишна затворска казна во Бохум во 1957 година.

Минатата година Бруно Деј (93), поранешен чувар на Штутоф, доби двегодишна условна затворска казна во Хамбург за соучество во масовно убиство. На неговото судење тој им се извини на жртвите на холокаустот. (Би-би-си)