Секое прислушување остава трага, тврди Пивоваров


Владимир Пивоваров

 

Секое прислушување остава трага и може да се докаже, особено со последните законски измени кои јасно ги поделија надлежностите меѓу Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Агенцијата за разузнавање (АР), Оперативни техничката агенција (ОТА), МВР, како и Царинската управа и Армијата на Македонија, кои имаат законска рамка да следат електронски комуникации.

Ова за порталот „Рацин“ го посочува Владимир Пивоваров, поранешен универзитетски професор по безбедност, шеф на македонското разузнавање и дел од групата за подготовка на реформите и законската рамка за безбедносните служби по скандалот со мамсовното прислушкувањето од страна на УБК.

Тој вели дека како што сега се поделени надлежностите и обврските во системот на безбедносните служби кои имаат законска можност да следат елекронски комуникации, невозможно е да не остане трага, доколку наредбата за следење се спроведува според законот.

Пивоваров потсетува дека ОТА во системот е едниствена која има технички можности да се „приклучи“ на некој телефон или друг систем за електронска комуникација кај корисниците на услугите на телеком операторите. Но, вели Пивоваров, ОТА тоа не може да го направи „на своја“ рака без налог на АНБ, АР, МВР или било која друга служба, ако за тоа нема наредба од Основното јавно обвинителство или судот.

„АНБ нема директна комуникација со мобилните оператори. Говорам за електронско следење. ОТА без да добие официјален писмен документ нема шанса да ‘влезе’ во мобилниот оператор. И кога ќе ‘влезе’, со наредба, ОТА не може да ја публикува содржината, односно да види што е суштината на тој разговор. Содржината на ‘снимената комуникација’ ја добива само онаа агенција која, по претходно одобрување на ОЈО или на судот, побарала следење на електронската комуникација“, појаснува Пивоваров.

Слична е постапката и во однос на физичкото следење, вели Пивоваров и појаснува дека и тоа е мерка за која е неопходна дозвола од надлежните институции, значи претходно и тоа се евидентирано во писмени официјални документи.

„Секој може да каже сè и сешто. Материјалните докази се тие кои ја зборуваат вистината и тој што изнесува такви тврдења е должен да ги објави. И добро е што одредени пратеници во парламентот бараат целосна декласификација за навистина се утврди дали во случајот се работи за политички пиар во предизборието или пак се работи за вистинско незаконско следење“, нагласува Владимир Пововаров во разговорот за „Рацин“.