Седум навивачи на ПАОК загинаа во ужасна сообраќајка во Романија


Во ужасна сообраќајна несреќа што се случи во близина на Темишвар, најмалку седум навивачи на ПАОК, кои со комбе одеа на натпреварот на нивниот сакан клуб, го загубија животот.
Според романските медиуми, повредени се три лица, а се претпоставува дека сите се грчки државјани и навивачи на тимот од Солун.

Тие патувале за Франција, каде што нивниот клуб ќе игра натпревар од осмото коло од Лигата на Европа против Лион во четврток.

Во еден момент, возилото што ги превезувало преминало во спротивната лента, а потоа дошло до директен судир со камион.

На социјалните мрежи објавено е и видео на кое се гледа како комбе со навивачи на ПАОК преминува во спротивната лента и директно удира во камион.

Навивачите на тимот од Солун, како што објавија грчките медиуми, ја избрале рутата низ Бугарија, Романија и Унгарија бидејќи овие земји се дел од Европската Унија, па патувањето е полесно и нема застој на границата.

Поблиска рута од Солун до Франција би можела да биде преку Северна Македонија, Србија или Босна и Херцеговина, но тогаш комбето со десет патници би морало да помине пасошка контрола при излегување и повторно влегување во Европската Унија.