Се зголемува разликата меѓу СПД и ЦДУ во Германија, Шолц на патот кон победа
Според дифузерот АРД разликата веќе изнесува 1,6 отсто, а според ЗДФ 1,5 проценти. Социјалдемократот Олаф Шолц се појавува како најсериозен кандидат да биде следен канцелар
Како што стигнуваат гласовите испратени по пошта така се зголемува разликата меѓу СДП и ЦДУ/ЦСУ по гласањето на изборите во Германија. Последните проекции на двата јавни радиодифузери, АРД и ЗДФ од 21,52 часот, социјалдемократите на кандидатот за канцелар Олаф Шолц имаат предност пред Унијата. Според АРД таа изнесува 1,6 проценти (25,8% на 24,2%), а според ЗДФ 1,5 проценти (26 наспртоти 24,5 отсто).
Тоа би значело дека во Бундестагот кој по овие избори ќе има 730 пратеници, СПД би имала 205 места, а ЦДУ/ЦСУ 195. Според проекциите, Зелените би освоиле 114 пратеници, а либералните Слободните демократи 91.
Во исто време ЗДФ ја објави анкетата, според која 55 отсто од Германците сакаат влада предводена од левичарските социјалдемократи, наспроти 36 отсто за сојузот ЦДУ/ЦСУ.
Весникот „Берлинер цајтунг“ пишува за можен пресврт кој би бил дел од историските учебници – има голема можност кандидатот на Унијата за наследник на Ангела Меркел, Армин Лашет, воопшто да не освои место во новиот парламент поради комплицираниот германски изборен систем. Тој е на чело на листата на неговата партија во покраината Северна Рајна Вестфалија, но гласовите можеби нема да бидат доволни за да се изберат пратеници надвор од гласањето за непосредни кандидати. Ситуацијата би била уникатна, лашет да води преговори за составување на нова влада, а не е пратеник, или да биде лидер на опозицијата, а да не е пратеник.

Во еден забележлив коментар по објавувањето на излезните анкети, главниот и одговорен уредник на Дојче Веле, Мануела Каспер-Клариџ вели дека деновите на претпазливост и маргинален компромис што се карактеризира со претходната голема коалиција на Германија меѓу ЦУ/ЦСУ и СПД завршија и германските гласачи сакаат промени.
Главните предизвици на 21 век, како што се климатската криза, дигиталната револуција и модерната Германија „можат да се решат само во соработка со помалите партии – во сите замислени коалиции, Зелените и ФДП ќе имаат голем збор. Ништо нема да работи без нив – и тоа е добра работа“.
Уделот на Зелените покажува дека „германските гласачи се загрижени за климатските промени“ и значи дека партијата „ќе влезе во коалициските преговори со многу самодоверба и ќе бара скап мираз“.
Но, Германците исто така се грижат колку ќе чини промената, вели Каспер-Клариџ – затоа и либералната ФДП исто така ќе биде вклучена. „Тие се гледаат себеси како големи дерегулатори и можат да торпедираат некои од желбите на Зелените“, пишува таа.
Ако тоа значи дека преговорите за коалиција ќе бидат тешки и нивниот исход далеку од сигурен, она што е многу јасно е „обемот на поразот на ЦДУ/ЦСУ. Не може да се занемари таквиот драматичен пад, нивниот најлош резултат од 1949 година. По 16 години во владата, таканаречената ‘Унија’ на ЦДУ и ЦСУ, е зрела за опозиција“.
Невообичаено за други европски земји, два часа по затворањето на гласачките места лидерите на сите партии што влегуваат во Бундестагот се најдоа во таканаречената „соба на слоновите“ – заедно во телевизиска дебата, на која ги даваат своите први размисли како помина гласањето и што понатаму.
Во еден прилично паметен политички потег, лидерот на ФДП, Кристијан Линднер, изјави дека тој прво сака да разговара со Зелените за идната коалиција, а дури потоа со двете големи партии. Лидерката на Зелените и кандидат за канцелар, Аналена Бербок, ја прифати таа идеја. (Н.В.)