Се трошат милиони евра за побезбедни патишта, но бројот на сообраќајќи и жртви расте


Фото: Б. Грданоски

Мерките и активностите на надлежните институции иако придонесуваат за подобрување на условите за управување со безбедноста во сообраќајот на патиштата, не се ефикасни за намалување на жртвите во сообраќајните незгоди, нотирале државните ревизори во последниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР).

И покрај тоа што се потрошиле милиони евра за нови стратегии и побезбедни патишта, сепак бројот на сообраќајни незгоди е загрижувачки.

„Управувањето со безбедноста на сообраќајот на патиштата се однесува на нормите, методите и мерките на превенција и санкции што се користат за да се спречат или намалат несаканите последици врз учесниците во сообраќајот. Јавно достапните податоци од веб страната на МВР упатуваат на загрижувачки состојби во однос на бројот на сообраќајни незгоди случени на патиштата во државата. Во периодот 2020-2023 година се случиле вкупно 31.176 сообраќајни незгоди, од кои 15.724 се со потешки последици, а загинале 457 лица“, наведено е во извештајот на ДЗР.

Ревзорите оцениле дека мерките и активностите кои надлежните институции ги преземаат, не се ефикасни за намалување на жртвите во сообраќајните незгоди до посакуваната состојба на национално и европско ниво.

„Втората Национална стратегија за безбедност во сообраќајот на патишта 2015-2020, имала за цел – бројот на жртви на сообраќајни незгоди до 2020 година да се намали до просечниот број на жртви во земјите-членки на ЕУ, бројот на жртви–млади возачи да се намали за 30%, бројот на сериозно повредени да се намали за 40% и бројот на деца-жртви на сообраќајни незгоди да се сведе на нула. Утврдивме дека целите не се постигнати. Целта за намалување на бројот на жртви–млади возачи за 30% не е мерлива, бидејќи нема дефинирано категоријата „млад возач“. Бројот на сериозно повредени лица кој во 2020 година изнесува 801 лице и не е намален за 40% во однос на 2009 година кога истиот изнесувал 985 лица. Бројот на деца-жртви во сообраќајот да биде нула не е постигната и истиот во 2020 година изнесува 8 лица“, пишува во извештајот.

Освен тоа, ревизорите утврдиле дека Националната стратегија за интелигентни транспортни системи 2023-2032 е изработена во рамки на проект за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, за чија подготовка се реализирани 17,7 милиони денари (288.000 евра) со заем од МБОР-Светска банка, одобрен во 2019 година.

„Ревизорите утврдија бавна реализација на предвидените активности од двете национални стратегии, што од своја страна предизвикува продолжување на роковите, неефикасно користење на средствата, создава нови трошоци и не овозможува постигнување на очекуваните ефекти за зголемување на безбедноста на патиштата и намалување на бројот на сообраќајни незгоди и жртви“

Анализите на податоците од базите упатуваат дека сообраќајните незгоди со последици се случиле денски (59%), при добри атмосферски услови/сончево време (45%), на улици во населени места (63%) и на сува површина на патот (79%), што укажува на тоа дека условите на патот не се главна причина за предизвикување на сообраќајни незгоди.

„За подобрување на поврзаноста на регионалните и националните патишта со главните Европски коридори, како и подобрување на капацитетот на ЈПДП за безбедност на патиштата и отпорност на климата, во октомври 2014 година склучен е Договор со МБОР- Светска банка за заем во износ од 52 милиони евра (3,2 милијарди денари). Средствата од заемот се користат за финансирање на Проектот за рехабилитација на национални и регионални патишта (NNRRP): Средствата се потрошени, а целите не се постигнати“, наведено е во извештајот.

Генералниот секретаријат на Владата во 2020 година, набавил софтвер и опрема во вкупен износ од 7,3 милиони денари, за намени поврзани со безбедноста во сообраќајот, а кои до денеска, не се користат од ниту една институција.

„Извршените анализи и спроведените инспекции на безбедноста на сообраќајот од страна на ангажираните експерти за потребите на ревизијата, упатуваат на висок степен на опасност на делниците предмет на анализа, не задоволителна хоризонтална и вертикална сигнализација, лошо одржување на коловозите кои може да предизвикаат сообраќајни незгоди со последици од истите“, пишува во извештајот.