Се подготвуваат за војна; Претвораат железнички вагони во болници за ранети војници?


Холандското Министерство за одбрана разгледува планови за претворање на стари железнички вагони во мобилни болници за транспорт на ранети војници во случај на војна, објави весникот „Алгемин Дагблад“, повикувајќи се на официјални извори.

Според тоа министерство, успешното спроведување на поголеми воени операции не е можно без поддршка од цивилниот сектор, а иницијативата е дел од поширока стратегија за подобрување на воената логистика во светлината на растечките безбедносни предизвици во Европа, објави бриселскиот „Политико“.

Планот, исто така, вклучува можност за распоредување холандски машиновозачи во Источна Европа за поддршка на потенцијални операции. Портпаролот на холандските железници „Недерландсе Спорвеген“, Ерик Крозе, изјави за „Политико“ дека Министерството за одбрана неодамна воспоставило контакт со националниот железнички превозник и дека започнале прелиминарни разговори.

„Процесот е сè уште во рана фаза“, рече Крозе.

Според извештајот на „Algemeen Dagblad“, се разгледуваат 24 возови за реновирање до 2026 година. Вагоните, кои првично беа наменети за продажба во странство, би можеле да станат дел од медицинската поддршка во „кризни ситуации“.

На ниво на ЕУ, концептот за користење на цивилна транспортна инфраструктура за воени цели се дискутира во рамките на пакетот за воена мобилност на Европската комисија, кој се очекува да биде усвоен оваа есен.

Во документите што ги виде Политико, Комисијата наведува дека воената мобилност е можна „со зголемена достапност на специјализирани транспортни средства“ и разгледува воведување на „механизам за солидарност“ за олеснување на пристапот на земјите-членки до заеднички ресурси, вклучувајќи железнички вагони и други форми на стратешки транспорт.