Се менуваат актите само да се згрижат роднините


 

Ќерки, снаи, сестри, братучеди… цели фамилии на функционери и судии ги имаат преплавено македонските институции. Таа гангренозна инфекција не е од сега, се шири со години наназад. Корупција и непотизам при вработување има многу, системот е така поставен и со години се градел, без разлика кој бил на власт.

„Правилниците се прават по потреба. Ако тој што треба да го вработат е стоматолог, ќе го сменат правилникот за да го вработат“, вели Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспаренси интернешнел – Македонија“, која вчера ги објави резултатите на прелиминарната анализа на легислативата за вработување во јавниот сектор.

Во 19 анализирани закони и два подзаконски акта, „Транспаренси“ и Антикорупциската комисија откриле 46 „точки на ранливост“ – дупки кои оставаат можност за коруптивно однесување. Најчесто се работи за законски недоречености или судири на различни закони кои оставаат можност за дискрециско постапување.

„Во системот имаме пропусти. Во законите се внимавало да се остави простор за оние што се на власт. Постои длабок системски проблем кој довел до тоа овие проблеми, прво вградени во два системски закони, понатаму да се провлечат и во другите закони“, објаснува Тасева. Според неа, меѓу најголемите проблеми во вработувањето во јавната администрација се и можноста за вработување преку агенции за привремени вработувања, кои потоа без постапка се трансформираат во трајни вработувања, непрецизирани постапки, нестандардни критериуми и други законски недоречености кои овозможуваат дискреција во одлучувањето.

За кроењето на регулативата по мерка, Тасева даде пример на подзаконски акт кој бил изменет 40 пати за 5 години. Се менувало по едно зборче во условите за вработување, во зависност од личноста што требало да биде вработена во таа институција.

Слични забелешки се изнесени и во функционалната анализа на УНДП на јавната администрација, објавена во мај лани. Меѓу 11 клучни наоди и 28 препораки, во анализата се наведува и дека речиси една петтина од институциите во јавниот сектор се премали за да функционираат, а постојат за да се вработуваат партиски кадри, но и дека дел од административците воопшто не одат на работа. Документот изработен по налог на УНДП препорачал и кратење на бројот на институции.

Прелиминарната анализа на „Транспаренси“ е прва фаза од проектот што треба да ги утврди системските слабости кои доведуваат до непотизам, кронизам и клиентелизам во вработувањето во јавната администрација. Во проектот учествува и ДКСК, која ја подготвува Националната стратегија за спречување корупција и судир на интереси, а резултатите се споделени со Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), кое работи на Стратегија за реформа на јавната администрација.

Антикорупционерката Софка Пејовска-Дојчиновска вели дека нема дилема оти системот продуцира корупција, постои правна несигурност, а еден од најсериозните проблеми се дискреционите овластувања на носителите на јавни функции, пред сè за вработувањата. Сите извештаи, потенцира таа, говорат дека имаме добра законска рамка, но недостига имплементацијата.

„Или еднаш ќе се одважиме да бидеме сериозни во имплементацијата или немаме алтернатива. Тоа е основното. Од толку предмети што ги добивме од почетокот на нашето работење до денес, само се потврди дека тоа се слабостите кои се констатирани“, изјави Пејовска-Дојчиновска од ДКСК и најави дека ќе се бара од државата да ги анулира слабостите.

На новинарско прашање колку предмети Антикорупција има отворено за непотизам и по колку од нив постапува Јавното обвинителство, Пејовска – Дојчиновска посочи дека се околу 40-ина, но нема точен број по колку постапува Јавното обвинителство.

Амбасадорот на Холандија, Дирк Јан Коп, со порака: „Кога бродот почнува да тоне, треба да ја испумпате водата доколку влегува и да најдете каде има пукнатини и да ги затворите“.

„Потребни се уште напори со цел да се превенира политизирањето на јавната служба и јавниот сектор. Непотизмот и кронизмот во јавната администрација само го забавуваат напредокот на јавните служби, но имаат и економски реперкусии“, рече Јан Коп.

Според него, Македонија треба да погледне во сенката на проблемите или на оние проблеми што се скриени.

„Во Грузија лично видов како тоа беше направено. Во сите градови имаше насекаде отворени места и кога доаѓате да извадите какви било документи, сите можат да се видат меѓу себе. Значи, луѓето можат да ги видат јавните службеници и обратно. Ништо не се прави зад мали, скриени прозорчиња, туку сè се прави на транспарентен начин, што помага да се намали корупцијата, но помага да се врати и довербата на луѓето во јавната служба“, рече Јан Коп.(Н.К.)