Насилството во училиштата не е ништо ново, но кој ќе сноси одговорност за спорите реакции


Фото: Б. Грданоски

Темата поврзана со насилството во училиштата не е нова и не се појавува само во последно време, отсекогаш имало такви случаи, но за разлика од претходните случаи, овој пат Министерството за образование и наука изрази подготвеност да преземе конкретни мерки, изјави денеска заменик-министерот за образование и наука, Дритон Сулејмани, одговарајќи на пратеничко прашање на Сања Лукаревска од СДСМ за одговорноста за случаите со врсничкото насилство изминатиот период.

Лукаревска праша дали одговорност ќе сносат институциите што не реагирале навремено, со законска обврска за постапување по секоја пријава во рок од 24 часа, како и раководствата на училиштата и институциите кои, вели, игнорирале пријави или пропуштиле да постапат.

Таа ги наведе последните случаи со таткото од Тетово, кој пријавил дека неговата 13-годишна ќерка била нападната од четири повозрасни ученички за време на спортски турнир, случајот на врсничко насилство во Ѓорче Петров, седмоодделенец од Битола, кој упатувал закани по живот на соученици, случајот во училиштето во Ченто, кога ученик влегол и прободел врсник кој завршил во болница….

Заменик-министерот посочи дека освен Водичот, со кој се задолжуваат основните и средните училишта да имаат професионални тимови во кои ќе учествуваат претставници од различни сфери и институции, како што се Центарот за социјална работа, Министерството за внатрешни работи и така натаму, тие имаат должност да ги следат случувањата внатре во училиштата.

-Исто така, преку закон ги задолживме во нивните годишни програми да имаат различни активности кои се однесуваат на зголемување на свеста и сензибилизирање за теми како што се активностите против насилството и промовирањето толеранција меѓу учениците. Сега дојде време кога само Водичот и годишните програми не ги даваат потребните резултати, дојде време кога ќе имаме и законски измени и ќе се бориме против оваа негативна појава што се јавува во основните и средните училишта, како што се булингот кај децата, насилството во училиштата и слично – рече Сулејмани.

Тој додаде дека овој феномен може да го појасни и од професионален аспект, со оглед на тоа дека 16 години работел во едно средно училиште во Скопје. Нагласи оти постои проблем во функционирањето на еден дел од воспитно-образовниот процес, а тоа е соработката меѓу наставникот, учениците и родителите.

-Колку и да ги регулираме работите со закон, ако го немаме потребниот ангажман на наставниците и родителите, сите наши активности нема да донесат конкретен резултат. Имајќи го предвид ова, а и тоа што сме го забележале, родителите не се доволно вклучени во образовниот систем. Ние ќе излеземе со законски предлог според кој секој ученик што ќе малтретира или ќе врши насилство врз друг ученик ќе биде евидентиран како проблематично дете. Во овој случај, родителот ќе биде казнет со 250 евра. Мислам дека ова е една мерка со која во целиот процес ќе бидат вклучени и родителите. Овде не сакам сите родители да ги ставам во ист кош, бидејќи има ученици кои го покажуваат своето одлично воспитување додека се во основно и средно училиште, но има и такви кои се проблематични – рече Сулејмани.

Тој упати на поговорка, според која учениците се огледало на родителите и нагласи оти смета дека дел од родителите не работат доволно со своите деца, а оваа законска мерка, според него ќе ги поттикне на тоа да работат повеќе со нив.

-Верувам дека оваа мерка ќе влијае на намалување на бројот на случаи на насилство во училиштата. Не велиме дека со оваа законска измена целосно ќе се стави крај на оваа проблематика, но ќе ги употребиме сите мерки за насилството во училиштата да биде сведено на минимум и да немаме вакви случаи. Многу е вознемирувачки за нас како Министерство за образование дури и еден ваков случај да се случи, како што беше случајот во училиштето во Сингелиќ, каде што имаше повредено дете. И нема да имаме компромис во оваа борба за намалување на бројот на случаи на насилство во средните и основните училишта – нагласи Сулејмани.

По серијата инциденти со врсничко насилство министерката за образование и наука Весна Јаневска минатата недела најави дека ќе има законски измени со кои родителот ќе биде казнет со 250 евра за секое насилство сторено од детето, но и кога родителите ќе одбијат да соработуваат со училиштето.

Новите законски решенија, според најавите, се во завршна фаза и наскоро треба да бидат доставени до Собранието.