Нема веќе да никнуваат фотоволтаици на најплодните ниви


Државата преку новиот предлог Закон за земјоделско земјиште воведува правила за да спречи неконтролирана урбанизација и уништување на обработливите површини.

Строга забрана за поставување фотоволтаици на најквалитетното земјоделско земјиште од прва до четврта категорија, забрана за возење по ниви, строги правила за градење на земјоделски површини и задолжително враќање во правобитна состојба на државната земја што се дава под закуп – тоа е само дел од новиот предлог-закон за земјоделско земјиште. За да се спроведе законот, предвидено е формирање нова Агенција за управување со земјоделско земјиште. Законот предвидува земјоделското земјиште и понатаму да се третира како добро од општ интерес со посебна заштита, а државата преку новите правила сака да спречи неконтролирана урбанизација и уништување на обработливите површини, пишува Слободен печат.

Една од најголемите измени се однесува на поставувањето фотоволтаични системи и електроенергетски постројки. Според членот 55 од предлог-законот, земјоделско земјиште од прва, втора, трета и четврта класа нема да може да биде предмет на пренамена за изградба на фотоволтаици, освен ако станува збор за проект од јавен интерес каде доминантен инвеститор е државата. Тоа значи дека најплодните ниви ќе бидат заштитени од масовна изградба на соларни централи, додека за инвеститорите ќе останат достапни земјишта од петта до осма класа и некатегоризирани површини.

Предлог-законот воведува и серија нови забрани за користење на земјоделските површини без согласност од сопственикот или институцијата што управува со земјиштето.
Ќе биде забрането градење времени објекти, поставување огради и информативни табли, организирање големи собири, движење со моторни возила надвор од патиштата, движење низ површини каде што има активни земјоделски работи и влегување во затворени и опитни површини. Дополнително, законот забранува оштетување или уништување на млади дрвја, садници, посеви и земјоделски производи, како и уништување табли и ознаки поставени на земјоделско земјиште.
Со ова државата сака да воведе поголема заштита на државниот имот и земјоделското производство, особено во периоди на сеидба и жетва.

Нови правила за градба на нивите
Законот детално ги дефинира и видовите објекти што ќе можат да се градат на земјоделско земјиште. На нивите ќе биде дозволена изградба на оранжерии и пластеници, бунари и резервоари, мали мандри, објекти за примарна обработка, складишта, монтажни објекти за механизација и натстрешници и помошни објекти.
Но, објектите нема да смеат да ја менуваат намената на земјиштето, да бидат станбени или туристички, да служат за трајно сместување и да претставуваат индустриски комплекси.

Со законот се предвидува формирање на Агенција за управување со земјоделско земјиште како самостоен орган на државната управа со својство на правно лице. Таа ќе биде одговорна за управување со земјоделското земјиште, давање согласности за пренамена и контрола на користење на нивите. Практично, Агенцијата ќе стане клучната институција за сите постапки поврзани со земјоделското земјиште.
За сите градби ќе биде потребно одобрение согласно новиот закон.

Глоби и до 25.000 евра
Новина која може да се види во законот е дека се воведува обврска секое земјиште што било времено пренаменето за рударски активности или други неземјоделски цели, да биде вратено во првобитна состојба. Корисникот ќе мора да го врати плодниот слој, да спроведе биолошка и техничка рекултивација и повторно да го оспособи земјиштето за производство на културите што биле одгледувани пред да биде дадено на концесија.

Според предложените законски одредби, највисоките глоби се предвидени токму во овој дел, за невраќање на земјоделското земјиште во првобитна состојба. Согласно член 183 за овој прекршок правното лице може да биде казнето со глоба од 10.000 до 25.000 евра, одговорното лице со глоба од 3.000 до 6.000 евра, а физичкото лице со глоба од 1.000 до 3.000 евра.

 

Покрај глобата, можат да се изречат и мерки за задолжителна санација, рекултивација, забрана за користење на земјиштето и исклучување од субвенции.
За незаконска пренамена на земјоделско земјиште, како и за незаконска трајна или времена пренамена правните лица се казнуваат со глоба од 3.000 до 6.000 евра, одговорните лица од 1.200 до 2.500 евра, а физичките лица од 800 до 2.000 евра. Во овие случаи инспекторот задолжително наложува враќање на земјиштето во првобитна состојба на трошок на сторителот.
Нема веќе и доцнење со кириите. За неплаќање на законски утврдени надоместоци предвидени се глоби од 2.000 до 5.000 евра за правни лица, од 1.000 до 3.000 евра за одговорни лица и од 500 до 1.000 евра за физички лица, при што глобата не ја исклучува присилната наплата.