„Сејф сити“ ќе лови и погрешно паркирање – први на удар булеварите
Системот „Сејф сити“ ќе добие нови функционалности и во следниот период ќе опфаќа поголем број сообраќајни прекршоци, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Според него, целта на проширувањето е поголема безбедност во сообраќајот и поефикасно откривање на прекршителите.
Тошковски посочи дека системот веќе не се користи само за регистрирање на брзо возење, туку и за други прекршоци во сообраќајот.
-И сега констатираме поголем број прекршоци. Не е само брзо возење, туку и погрешно престројување, погрешно свртување, поминување на црвено светло – рече Тошковски.
Министерот најави дека една од следните фази ќе биде и санкционирањето на погрешно паркирање преку системот.
-Во делот на погрешно паркирање, тоа ќе е една од првите фази кои ќе бидат имплементирани – изјави тој.
Тошковски појасни дека во процесот ќе бидат вклучени повеќе институции, бидејќи станува збор за чест прекршок и, како што рече, не сакаат да се воведе казнување без целосно утврдени правила.
Како прва зона за примена на проширениот систем, Тошковски ги посочи главните сообраќајници во Скопје.
-Прв таргет за имплементирање, односно детектирање, ќе бидат главните крвотоци во градот Скопје, односно булеварите – додаде Тошковски.