Се дезинфицираат такси возилата и автобусите во Скопје


Град Скопје испрати препорака до сите такси превозници на подрачјето на градот Скопје да ги дезинфицираат такси возилата на дневна основа пред да се вклучат во сообраќај, а такси возачите да користат лична зашитита (маска и гумени ракавици).

Дополнително, пратен е и допис до сите претставници на приватните превозници кои се вклучени во јавниот сообраќај во Скопје за интензивирање на активностите за чистење и дезинфикација на нивните возила, како и за потребата за редуцирање на возниот ред кај приватните превозници.

Градот Скопје ги потсетува граѓаните дека сите возила на ЈСП се подложуваат на дополнителен третман за дезинфекција, уште од пред десетина дена. Имено, секое возило, независно дали сообраќа цел ден на одредена линија или се вклучува еднократно, е подложно на дополнителна дезинфекција, како една од мерките за заштита од коронавирусот. Возилата се дезинфицирааат со распрскување на соодветни средства на база на алкохол и Дезинтал , а се врши и рачна дезинфекција на одделни делови од возилото, како што се држачите и слично. Секое возило се третира со дополнителната дезинфекција еднаш, пред вклучување на линијата или потоа, во зависност од динамиката и распоредот на сообраќање во јавниот превоз.

Инаку, редовна внатрешна дезинфекција на автобусите се врши секојдневно преку т.н. редовна дневна нега (чистење, миење) на возилата. Притоа, возилата се третираат со соодветни еколошки средства кои имаат дезинфекциско својство. Секое возило, пред да се пушти во сообраќај, е подложно на дневна нега.

Согласно препораките на Владата, од денеска автобусите на јавниот превоз сообраќаат според редуциран возен ред, идентичен на возниот ред што важи за време на зимскиот, односно летниот училишен распуст. Редуцираниот возен ред ќе важи во наредните две недели, односно до наредните препораки од надлежните институции.