Се буди ли економијата – во март од ДДВ биле прибрани 29,5 отсто повеќе приходи од лани, од данокот на личен доход 12,55 проценти


Највисоко образованите сметаат дека даночниот систем кај нас не е фер

Во март годинава во однос на истиот месец лани билe остварени вкупни даночни приходи од 7.720.610.346 денари, или за 6,17 проценти повеќе во однос на планираното, односно за 18,6 проценти повеќе во однос на остварениот приход во истиот месец лани, информираше денес директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

Притоа, по видови даноци наплатата во март годинава, споредено со наплатата во март 2020 година покажува намалување само кај данокот на добивка и тоа за 1,32 проценти. Кај данокот на личен доход наплата е повисока за 12,55 проценти, а кај ДДВ за 29,5 проценти.

Во однос на планираното, пак, наплатата е пониска кај данокот на добивка (за 4,38 проценти), а кај данокот на личен доход е повисока за 4,34 проценти и кај ДДВ за 10,75 проценти.

„Остварениот вкупен даночен приход од 7,7 милијарди денари во март споредено со истиот месец лани кога бил наплатен износ од речиси 6,5 милиарди денари покажува зголемување во апсолутен износ од речиси 1,2 милијарди денари или 18,62 проценти“, соопшти Лукаревска.

Во првите три месеци од годинава, пак од даноци во Буџетот се слеале вкупно 20.616.146.059 денари. Овој износ, како што појасни директорката на УЈП е повисок за 3,09 проценти во однос на планираниот приход за овој период годинава (19.998.000.000 денари), а повисок за 7,99 проценти во однос на остварениот приход во истиот период минатата година.

По одделни даноци ваквите приходи се: од данок на добивка биле прибрани  3.094.441.932 денари и тој е поголем од планираниот за истиот период за 1,76 проценти; данокот на личен доход, во однос на планираниот е помал за 24.230.662 денари или за 0,54 проценти, а наплатата од ДДВ е поголема во однос на планираните приоди во овој период за 588.394.789 денари или за 4,71 процент, информира Лукаревска.