Се бара јавна расправа за предлог-измените на Законот за урбанистичко планирање


Фото: Б. Грданоски

Триесет и пет невладини организации, граѓански иницијативи, академски и научни институции доставија заедничко Барање до Министерството за транспорт и врски за јавна расправа за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање.

Со дописот, потпишаните организации изразуваат загриженост дека дел од предложените законски измени може да предизвикаат долгорочни штетни последици врз природата и животната средина, како и фактот дека, како што наведуваат, „ваквото влијание е целосно игнорирано од страна на изготвувачот“.

Според предлагачите, со предложените измени урбанизацијата се дефинира сама по себе како дејност од јавен интерес и оваа интервенција има потенцијал да направи пустош во нашата природа.

– На пример, Законот за шуми забранува копачење и трајна пренамена на шумите, освен под одредени услови, меѓу кои е и спроведување на дејности од јавен интерес. Со актуелниот закон не може да се уништи некоја шума за да се спроведе план/проект за урбанизација, со предложените измени се отвара оваа врата, стои во дописот.

Се дополнува дека се овозможува реализација на донесените и започнатите општи акти за села, што исклучува спроведување на стратегиска проценка на влијанието врз животната средина.

– Во пракса, се овозможува урбанизација на селата во заштитените подрачја, без да се процени нејзиното влијание врз природата и животната средина и без да се информира и вклучи јавноста во ваквата проценка, велат оттаму.

Како што наведуваат, се дава можност земјоделското, шумското и крајбрежното земјиште во области вон населени места и вон плански опфати да се третира како градежно по автоматизам, без да се спроведе процес на пренамена регулиран со специфичните закони за различните типови на земјиште и се ускратува и оневозможува жалбениот механизам при одобрување на планските програми за урбанистичките планови, како и при одобрување на урбанистички проекти – наместо со решение (како поединечен акт) предвидено е овие програми и проекти да се одобруваат со потврда за заверка.

– Поаѓајќи од сето ова, сметаме дека е недозволиво и противзаконски ваквите измени да се усвојат без јавна дебата и врз основа на член 6 од Уредбата за учество на јавноста; член 6 и 8 од Архуската Конвенција БАРАМЕ организирање на најмалку една јавна расправа и овозможување
дополнителни 10 дена по расправата за доставување коментари од страна на јавноста, велат оттаму.

Помеѓу предлагачите се Еколошко здружение на граѓани „Фронт 21/42“, Институт за комуникациски студии, АРТ ПОИНТ – ГУМНО, Геосфера-Битола, Рурална Коалиција, Здружение за ромско-турско пријателство РОМСКО ЈАТО БИТОЛА, Гоу Грин Скопје, Го Сакам Водно, ЕКО ЛОГИК, Национален Ромски Центар, Еко Герила, Граѓанска иницијатива Охрид SOS, Асоцијација за демократски иницијативи АДИ, ЕКОЗВОН – Скопје, Зелен институт, О2 Иницијатива, Здрава Котлина Струмица, Наша Добра Земја, Ековита Неготино, Македонско еколошко друштво, Е.Д.Е.Н., ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД, Градежен Институт Македонија, ЦЕД ФЛОРОЗОН, Еко-свест, Македонско здружение на млади правници, Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем” (ХЕФ), Грин.орг Кочани, ЕД Планетум, Центар за управување со знаење, Центар за правни истражувања и анализи, Младински културен центар – Битола, НаТочак, Центар за истражување и креирање политики ЦИКП и Еколошко друштво Вила Зора.