СДСМ утре организира собир на наставниците во Скопје за поголеми плати

Опозициската СДСМ за утре најави собир на наставниците и просветните работници пред Министерството за образование поради тоа што Владата нема да ги зголеми нивните плати.
„Пред самиот почеток на учебната година, јасно е дека Мицкоски и Јаневска немаат концепт ниту јасен план за развој и подобрување на образованието.
Целосно го погазија ветувањето за зголемување на платите на наставниците. Секојдневно слушаме некакви изговори, а вистината е дека власта на ДПМНЕ не сака да ги зголеми платите за 12% во овој септември.
Со СДСМ наставниците секоја година, новата учебна година ја започнуваа со повисока плата.
Во септември 2022 и 2023 година, СДСМ ги зголеми платите во образованието на два пати по 15 проценти. Претходно, во септември 2021 година зголемувањето беше од 10 проценти, а во септември 2019 и 2020 година по 5 проценти. Кумулативното, СДСМ ги зголеми платите во образованието за над 55 проценти.
Дојде ДПМНЕ на власт, дојде септември и сега нема пари за наставниците. Нема квалитетно образование без инвестиција во образовниот кадар.
Утре, на 1 септември СДСМ, преку Комисијата за образование организира собир на наставници и просветни работници. Собирот ќе биде пред Министерството за образование и наука во Скопје со почеток во 11,30 часот.
Под слоганот ‘Немате оправдувања, зголемете ги платите!’ ќе побараме да се покачат платите во образованието за 12 отсто и да им се исполнат барањата на наставниците.
Ги покануваме сите просветни работници, без разлика на нивните политички убедувања, да ни се придружат“, рече на прес-конференција пратеничката Даниела Николова.