СДСМ тврди дека Груевски бара засолниште во Русија и Белорусија додека Мицкоски на нив им се заканува со прогон
СДСМ го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека од пред камери им се заканува со политички прогон, додека во исто време дозволува Никола Груевски повторно да избега од правдата. Според СДСМ со вакви пораки се врши политички притисок и се отвора опасна дебата за улогата на институциите во пресметките меѓу власта и опозицијата. Партијата соопшти дека ќе побара реакција и од европските институции, тврдејќи дека ваквиот настап е спротивен на принципите на владеење на правото и поделбата на власта.Во нивната реакција се посочува дека секој што е под сомнеж треба да одговара пред законот, но без јавни навестувања од политичкиот врв за тоа кој би можел да биде следен.
„Христијан Мицкоски повторно, јавно и пред камерите, „имал чувство“ дека во блиска иднина ќе започнат судски процеси против поранешни високи функционери на СДСМ, поранешни премиери, претседатели на Влада и членови на нивните семејства.
Ова не е прв пат, истото Мицкоски го правеше и во Собранието. Ваквите изјави не се случајни. Тие се свесна и опасна закана против политичките неистомисленици. Наместо да се занимава со обезбедување услови за владеење на правото, Мицкоски како некој уличар, ја злоупотребува функцијата претседател на Владата за однапред да и се заканува на опозицијата со прогон и да ја плаши јавноста.
Причината е јасна: Мицкоски се наоѓа во незгодна ситуација поради сѐ посилните меѓународни истраги за неговите врски со криминалниот режим на Орбан, за бизнисите што ги чинеле граѓаните на Македонија милиони евра и за можното перење пари преку финансиски институции и медиуми“, коментираат од СДСМ.
Претходно во соопштение тие реагираа и на фактот дека од Полска веќе стигнале барања за екстрадиција на нивните пребегани министри во унгарија, а од кај нас за Никола Груевски не. Уште повеќе од СДСМ тврдат дека тој преговара за азил со Русија и со Белорусија.
„ Според информациите со кои располагаме, Никола Груевски нема да добие азил во Турција, но му остануваат опции со кои води преговори. Тоа се Русија и Белорусија, а прашање е цената што ќе мора да ја „плати“ од парите на граѓаните на Македонија. Овие информации покажуваат дека постои реален ризик тој повторно да избега од дофатот на правдата.
Очигледно, новиот Ванчо Михајлов во ВМРО, Христијан Мицкоски, намерно одложува и сака да ги избегне процесите – со единствена цел да се избегне политичка непријатност и одговорност. Со тоа му се дава можност на Никола Груевски за ново бегство. Додека други држави активно постапуваат и бараат одговорност, кај нас институциите се злоупотребуваат за прикривање, одолговлекување и заштита на партискиот интерес на Христијан Мицкоски. Наместо Министерството за правда да одолговлекува, мора веднаш да реагира и итно да побара екстрадиција на Никола Груевски“, реагираат од СДСМ.
Реакцијата следува по настапот на Мицкоски од 15 април, кога, одговарајќи на прашања поврзани со евентуалната екстрадиција на Никола Груевски, изјави дека има „чувство“ оти поранешни високи функционери на СДСМ, поранешни премиери и нивни блиски од семејството би можеле да бидат опфатени со прогони. Притоа, тој рече дека нема информации, туку чувство, и додаде дека во државата мора да има еднакви услови за сите пред органите на правдата.