СДСМ: Мицкоски се кити со туѓи перја, инвестицијата за литиумски батерии е договорена во септември лани 


Инвестицијата на германската БМЗ е целосно договорена и потпишана од владата на СДСМ, реагираа денеска од најголемата опозициска партија по изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за нова инвестиција за производство на литиумски батерии.

Од СДСМ велат дека Мицкоски се накитил со туѓи перја.

„Германска компанија, односно инвестиција за производство на литиумски батерии беше договорена уште во септември минатата година од тогашниот вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи“, посочуваат од СДСМ.

Од таму додаваат дека потпишувањето на овој значаен договор се случи во Франкфурт и претставува резултат на седуммесечен интензивен процес на преговори, започнат и успешно завршен од страна на СДСМ. Од партијата додаваат дека ваквите инвестиции се резултат на внимателно планирани и стратешки насочени политики, кои Владата ги спроведувала со цел да привлече технолошки напредни и одржливи компании во земјата.

„СДСМ ќе продолжи да работи на создавање нови можности за економски раст и подобрување на животниот стандард на сите граѓани, без разлика на обидите на актуелната влада да ги присвои нашите успеси. Македонската јавност заслужува вистински информации и транспарентност, а не манипулации и празни пофалби“, се вели во реакцијата.