СДСМ: Доаѓа време за вистината за бизнис врските на Мицкоски и Орбан
Со падот на режимот на Орбан во Унгарија, наскоро може да дојде до целосно откривање на сите тајни бизнис комбинации меѓу Орбан и Мицкоски. Мицкоски ги стави стратешките интереси на Македонија во рацете на Орбан – не за државата, туку за свои лични и бизнис интереси, стои во соопштението на СДСМ, по изборите во Унгарија на која Виктор Орбан беше драматично поразен и симнат од власта.
„Скоро 40% од медиумскиот простор во Македонија е под директна контрола на луѓе на Орбан. Преку своите блиски бизнисмени (Петер Шац и Агнеш Адамик) Орбан купи и контролира огромен број медиуми кои се во служба на ВМРО и Мицкоски. Тие се пропагандна машина во Македонија.
Телекомуникации: Компанијата на Орбан 4iG доби лиценца за трет мобилен оператор во Македонија (One Macedonia). Со оваа лиценца влегоа во 5G мрежата и добија можност да ги поврзат медиумите, платформите и инфраструктурата во единствена контрола, точно како што Орбан го правеше во Унгарија а Вучиќ го прави во Србија.
Енергетика и инфраструктура: Преку тајни договори и посредници, Орбановиот круг имаше влијание и во енергетскиот сектор и во железницата. Овие проекти беа дел од пошироката стратегија за економско влијание на Балканот.
Во бизнисот во енергетиката, последно преку фирма „Статус Енерџи “, ќерка-фирма на унгарската Status Energy KFT дел од Status Energy Private Equity Fund која е поврзана со Виктор Орбан преку сопственичка структура што ја вклучува OPUS Global, компанија контролирана од Лоринц Месарош (Mészáros Lőrinc).
Кредити и пари: Унгарија даде милијарда евра кредити (кинески пари) на Владата на Мицкоски под „пријателски“ услови кои ќе ни ги отплаќаат нашите внуци. Овие пари доаѓаа како дел од пакетот за политичка и медиумска поддршка.
Сега, кога Орбан падна, сите овие тајни договори и бизнис комбинации ќе излезат на виделина. Сите овие договори мора да бидат детално истражени. СДСМ ќе бара целосна истрага на сите бизнис комбинации меѓу Орбан и Мицкоски“, соопштија од опозицијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак одговорија кратко дека нема никакви тајни врзки туку официјална соработка на две држави.
„Венко Филипче, верен чувар на фотелјата на Зоран Заев во СДС заедно неговото ново раководство време е да почнат да живеат тука и сега. Да му објасниме што значи тоа. Прво, нема никакви тајни бизнис врски со Виктор Орбан и неговата партија. Второ, има официјални државни договори и соработка. Тоа значи договори меѓу Македонија и Унгарија има соработка како две држави од ист континент Европа кои соработуваат на повеќе полиња, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
„Можеби Филипче со неговиот ментор Заев работел така па мисли сите работат тајно и криминално.Оттука, Филипче нека се свести и нека се фати за неговата примарна задача, а тоа е да ја оттргне СДС од Заев, поточно да се огради јасно од неговите криминални бизнис врски, криминални зделки и слично.Надлежните институции во правосудството треба да постапуваат по се што е изведено во јавноста како информација“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.