СДСМ биле одговорни и за пожарите, тврди Петрушевски

ВМРО-ДПМНЕ продолжува со кампањата што никој не ја „купува“, дека пожарите во државата ги подметнува СДСМ за да дефокусира од внатрешни превирања. Уште повеќе критиките за лошото справување со пожарите и за немањето опрема исто така ги оценуваат како „ситење“ на опозицијата.
-Пожарите се подметнуваат намерно, а СДС се сити и се обидува да печали политички поени. На неколку локации каде се локализирани пожари и во Скопско и низ државата се забележани гуми кои се фрлани со цел да се распламти и разгори пожарот. На одредени места пронајдени се и ракавици, а пред два дена во Чучер Сандево и дрва потопени во бензин. Очигледно е дека како еден пожар се гаси, друг некаде веднаш се пали.
Институциите на системот макотрпно работат и ги гасат и локализираат пожарите секој ден. Од друга страна некој во државата сака истата да ја пеплоса. Според информациите кои ги имаме, а ги објавија и институциите, одредени лица се веќе под истрага, а едно лице е лишено и од слобода.И додека институциите се борат да ја заштитат секоја педа земја, СДС тера политика и се обидува да ќари некој политички поен. Чудна е поврзаноста на пожарите и брзината на СДС да изреагира, кажа Петрушевски.
Дека од ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат да продадат некој нов „филм“ за да некој друг биде крив за тоа што пожарите дојдоа речиси до куќите и има два смртни случаи, сугерира и синоќешното драматизирање на пожарот околу Смилковци од двајца градоначалници, од кои еден ги плашеше граѓаните дека може да останат и без струја. Како доказ посочуваат на најдени ракавици и гуми на местото на пожарот кои за чудо не изгореле за да ги најде ВМРО-ДПМНЕ, како претходно палетите, и тоа посипани со бензин.
Инаку дека некои од пожарите се подметнатнуваат е општо познато и се случува секоја година, но да се тврди дека тоа го прави опозицијата за собирање политички поени, е уникатно. На пример и Србија деновиве од иста причина (превисоки температури и сува трева) се соочи со околу 200 пожари.
Патем колку е скандалозна неподготвеноста на државата за вакви стихии може да се заклучи и од фотографијава од Украина – земја која веќе со години е во војна и трпи невидени штети, а сепак има подобри противпожарни возила од нас и пожарникарите имаат соодветна опрема.