СДСМ бара итна ревизија на огласот за образовни асистенти

СДСМ бара итна ревизија на огласот за образовни асистенти обвинувајќи ја министерката Весна Јаневска дека направила хаос ангажирајќи партиски кадри.
-Министерката Весна Јаневска свесно направи хаос со образовните асистенти – директно на штета на учениците со попреченост и нивните семејства. Наместо да ги продолжи ангажманите на едуцирани, обучени и искусни образовни асистенти кои со години посветено работеа со децата, Јаневска ги избрка и ги замени со партиски кадри. Единствената „квалификација“ на новите асистенти е партиска книшка на ВМРО-ДПМНЕ!
Со промени во правилниците, Јаневска го поништи значењето на работното искуство, обуките, знаењето – и отвори врата за политички вработувања. Ова е најгруб пример на партизација на образованието, на сметка на најранливите. Ова е одраз на погрешниот приоритет на ВМРО-ДПМНЕ – наместо грижа за децата, грижа за партиската војска! Јавно ја прашуваме министерката Јаневска – како можете мирно да спиете знаејќи дека на 1 септември стотици деца со попреченост нема да го добијат својот асистент, лицето со кое учеа, се смееја и напредуваа?
СДСМ бара итна ревизија на огласот за образовни асистенти, враќање на професионалците со искуство и едукација и целосна департизација на образовниот систем.Образованието мора да биде надпартиска и хумана мисија. Ова не е борба за функции – ова е борба за достоинство, за децата и за нашата иднина, порачуваат од СДСМ.