Санчез: Шпанија е подготвена веднаш да започне со формирање војска на ЕУ
Шпанија е подготвена да работи на создавање заедничка војска на Европската Унија „уште утре“, бидејќи тоа е единствениот начин европските земји да добијат на значење во одбраната, изјави денеска шпанскиот премиер Педро Санчез.
На форумот „European Pulse“ во Барселона, Санчез истакна дека создавањето заеднички сили не е прашање на избор, туку неопходност поради војните во Украина и на Блискиот Исток. Според него, ЕУ е составена од „просечни сили“ кои можат да бидат влијателни само доколку настапуваат заеднички.
– Подготвени сме да напредуваме кон заедничка европска војска веднаш, за да не дозволиме други да ја користат нашата ранливост – порача Санчез.
Шпанскиот премиер го изнесе овој став во време на кревко примирје меѓу САД и Иран и израелските напади врз Либан. Мадрид претходно го одби барањето на американскиот претседател Доналд Трамп за зголемување на воените трошоци на пет отсто од БДП и го затвори својот воздушен простор за авиони кои би учествувале во напади врз Иран, заштитувајќи ја и зоната околу Ормуската Теснина од дополнителна ескалација. Поради овие одлуки, Трамп во март ѝ се закани на Шпанија со трговски санкции.