Самрак на ЕПП во Европа


ЕПП во моментов има само девет од 27 места за шефови на држави и влади околу масата на Европскиот совет. Ако во Берлин се формира нова влада предводена од социјалдемократите, најзападниот европски главен град со конзервативен лидер ќе биде Љубљана

 

Во несреќен период од 13 дена, доминантното европско политичко семејство – Европската народна партија – го виде својот најискусен лидер, Ангела Меркел, како влегува во зајдисонце и својата најсјајна нова звезда, Себастијан Курц од Австрија, како се падна на Земјата.

Со оглед на тоа што Меркел не се кандидираше за уште еден мандат, нејзината Христијанско-демократска унија доживеа пораз на федералните избори на 26 септември, што значи исто така дека европската алијанса на десноцентристички и конзервативни партии скоро ќе ја загуби контролата врз германската влада. Партијата на татковците-основачи на ЕУ како Шуман, Де Гаспери и Аденауер, а од поскоро Берлускони, Саркози и Ван Ромпуј – сега влезе во она што некои партиски лидери го нарекуваат најлошо заглавување во политичката пустина, какво што некој од нив не памети.

ЕПП, која доминираше во политиката на ЕУ со децении, и натаму останува најголемата фракција во Европскиот парламент, а Урсула фон дер Лејен, ученичка на Меркел, сѐ уште претседава со Европската комисија. Но, ЕПП во моментов има само девет од 27 места за шефови на држави и влади околу масата на Европскиот совет. Ако во Берлин се формира нова влада предводена од социјалдемократите, како што се очекува, најзападниот европски главен град со конзервативен лидер ќе биде Љубљана. Тоа е неверојатен пресврт за политичка група што претходно ги контролираше сите најголеми членки на ЕУ: Германија, Франција, Италија, Шпанија и Полска. „Сега, немаме ниеден од Големата петорка“, се жали еден инсајдер од ЕПП.

Во последниве години ЕПП се најде притисната и од десно, и од лево. Од десно, од поекстремни популисти и националисти, а од лево од либерали и особено Зелените, поттикнати од загриженоста за климатските промени. Долгоочекуваното заминување на Меркел по 16 години на чело на најголемата, најмоќна земја-членка на ЕУ веќе стави сомнеж на способноста на ЕПП да се одржи како највлијателна мејнстрим сила во Брисел. Изненадувачката оставка на Курц поради корупцискиот скандал, му го одзеде на ЕПП и лидерот што многу упатени го гледаа како модел за враќање на интересот и имагинацијата на европските гласачи за овие партии.

„Не сме во доволно влади во моментов, кога ќе ги погледнете земјите-членки“, рече член на ЕПП од северноевропска земја, кој побара анонимност за искрено да зборува за внатрешно-партиската политика.

„На некој начин сме фрлени во ќош“, вели тој. Може да ги загубиме гласачите во корист на  десно-популистичкото движење кое може да привлече некои од нашите поранешни гласачи, но, во исто време, модерните луѓе во урбаните градови можат да одат во Партијата на обновата (центристички или либерални партии) или Зелените, или што и да е“.

Курц, кој имаше само 31 година кога првпат стана канцелар во 2017 година, успеа да направи коалиција помеѓу неговата Австриска народна партија (ОВП) и Зелените, за која другите конзервативци се надеваа дека ќе биде магичен еликсир.

„Се разбира, многумина од нас гледаа во Себастијан Курц прашувајќи се дали ова можеби е начинот како се прави тоа“, вели овој член на ЕПП. „Да бидете строги кон миграцијата и оние прашања што се важни за многу гласачи, но во исто време да покажувате дека сте модерни, дека сте прогресивни. Дека ги сфаќате сериозно климатските промени… но сега, се разбира, неговата оставка и дебатата за него е проблематична “.

Меѓу оние што го гледаа Курц како модел беше Манфред Вебер, германски пратеник ветеран во Европскиот парламент, кој беше реизбран во средата, не сосема едногласно, за водач на парламентарната група на ЕПП, по што ја објави својата намера да се кандидира и за претседател на Европската народна партија.

„Би сакал да имплементирам нешто слично низ Европа, како што успеа да направи Себастијан Курц со Австриската народна партија, имено да ги направам народните партии гаранции за иднина“, рече Вебер за австрискиот весник „Ди Пресе“. „Мораме да направиме пресврт и да поставиме нови креативни акценти, да создадеме модерна народна партија на Европа“.

„Себастијан успеа да ѝ даде нов допир на ОВП и да го приближи до луѓето“, рече Вебер. „Тоа почнува со фактот дека тој ги цени жените на важни позиции. Тој постојано ги спроведува своите изборни програми, повикува на нов основен договор за Европа и има многу идеи за тоа како можеме да ја придвижиме ЕУ напред. На овој начин, тој успеа да најде прифатливост за демохристијанските вредности во денешниот свет“. Во моментов, сепак, се чини дека Курц е поблиску до потенцијално обвинение за корупција, иако тој негира дека сторил нешто погрешно.

Маките на Вебер

Во меѓувреме, Вебер, и покрај неговиот реизбор, за некои членови на ЕПП е повеќе симбол за проблемите на партијата, место клуч за нејзино заживување. Баварецот беше шпиценкандидат на ЕПП или главен кандидат за претседател на Европската комисија, на изборите за Европскиот парламент во 2019 година, но беше отфрлен од Европскиот совет. Вебер се врати на својата позиција како лидер на ЕПП и се очекуваше дека ќе биде нивни кандидат за претседател на парламентот во 2022 година, според договорот што предвидуваше функцијата да се префрли на ЕПП од социјалистите.

Но минатиот месец Вебер изјави дека повеќе не ја сака таа функција и наместо тоа ќе бара претседателство на ЕПП ширум Европа за да го замени Доналд Туск, поранешниот полски премиер и претседател на Европскиот совет, кој во јули објави дека ќе се повлече од функцијата и ќе се врати во националната политика. Неколку членови на ЕПП во Брисел рекоа дека Вебер заклучил дека социјалистите не планираат да го испочитуваат договорот за поделба на власта од 2019 година и дека најверојатно ќе загуби во оспоруваната трка за претседател на парламентот.

Инсистирајќи да ја задржи лидерската позиција на ЕПП, членови на ЕПП рекоа дека Вебер ги става своите лични интереси пред партиските и спречува појава на ново раководство. Еден германски европратеник, пак, смета дека има членови на групата кои би претпочитале Вебер да поднесе оставка како нејзин лидер, особено затоа што неговиот конзервативен табор наскоро ќе биде без моќ во Германија. Овој европратеник, исто така, истакна дека Естебан Гонзалес Понс, шпански европратеник кој служеше како долгогодишен број два на Вебер, помина многу години лојално чекајќи лидерска улога.

Иако европските десноцентристи сакаат да ја вратат контролата врз владата во Варшава и се надеваат дека Туск ќе им помогне да го сторат тоа, неговата оставка по само една и пол година како претседател на ЕПП го поттикна акутното чувство дека групата во голема мера е без кормило и нема компетентно раководство од пензионирањето на  Жозеф Дол, легендарен политички оператор во заднината.

Римски урнатини

Контрадикторностите на  ЕПП и нејзината борба да се претстави како модерна партија се најдоа на отворено на неодамнешниот состанок во Рим, на кој се појави поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони, кој сега е европратеник, искажувајќи пофалби за христијанската демократија преку телевизиски говор. Традиционално големата партија во ЕПП, италијанската Форца Италија, сега има само девет европратеници и во тек се шпекулациите дека партијата се обидува да ги намами членовите на Лигата во редовите на ЕПП.

„Се преправаме дека ЕПП сѐ уште уште постои во Италија“, рече еден од европратениците на партијата.

На собирот на шпанската Народна партија овој месец во градот Валенсија, главните звезди кои не беа Шпанци, кои беа поканети да му се придружат на шефот на партијата Пабло Касадо, беа грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и Курц – наводните лица на иднината на ЕПП. Меѓутоа, на крајот, Курц не можеше да присуствува поради продлабочениот корупциски скандал во Австрија.

„Одлично е да се видат многумина овде: страсни за својата партија; страстни за својата иднина; страстни за својата земја“, рече Мицотакис на отворањето на својот говор, додавајќи:„ Себастијан, штета што не можеше да бидеш тука со нас“.

Наместо тоа, Курц испрати видео изјава која, од некоја мистериозна причина, беше прекината со музика додека зборуваше за миграцијата – прашање за кое неговите тврдокорни ставови не одекнуваат исто така во Шпанија, гранична земја од првата линија која веќе долго време бара повеќе „солидарност“ од земјите-членки за внатрешните работи.

Оставката на Курц ја зачува контролата на неговата коалиција и неговата партија врз владата, а некои членови на ЕПП рекоа дека очекуваат момчето-чудо на австриската политика на крајот повторно да се врати. Но други сметаат дека тој може да се приклучи веќе на поранешните ѕвезди на ЕПП чија репутација сега е нарушена, вклучувајќи го и поранешниот француски претседател Николас Саркози, кој неодамна беше осуден за надминување на ограничувањата за трошење за време на неговата неуспешна претседателска кампања во 2012 година, и поранешниот шпански премиер Хозе Марија Азнар.

Некои претставници на ЕПП рекоа дека, сепак, има повеќе од доволно време отсега до изборите за Европскиот парламент во 2024 година за партијата да закрепне, вклучително и во многу од поголемите земји на ЕУ.

Во потрага по лидери

Иако Грција едвај  е видена како бастион на конзервативизмот, особено не во германска смисла на зборот, за Мицотакис се смета дека има некаков потенцијал како носител на ЕПП со оглед на неговата релативна политичка безбедност (тој не се соочува со избори до 2023 година) и неговата позлатена биографија, која вклучува диплома од Харвард. Тој исто така зборува германски и е многу близок со потпретседателот на ЕК, Маргаритас Шинас, кој е Грк и е еден од највлијателните играчи на ЕПП во Брисел.

Меѓу другите конзервативни лидери со амбиции на целиот континент е хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој сега е во вториот мандат. Но тој ги илустрира и  предизвиците на партијата, затоа што како еден од ретките кандидати кои се сметаат за достапни за врвната позиција во 2024 година потекнува од земја која сѐ уште не е членка на безвизниот шенгенски простор или заедничката валута.

Многу погледи сега се свртени кон Франција, која се чини дека е една од последните надежи на ЕПП да ја врати власта во голема западноевропска земја, иако тоа изгледа како силен удар против актуелниот претседател Емануел Макрон. Додавајќи на тешкотиите, неколку кандидати на републиканците, партија членка на ЕПП, сега се вклучени во жестока битка едни против други за да бидат номинирани како конзервативен кандидат за претседател. Некои од групата на ЕПП се надеваат дека Мишел Барние, поранешниот преговарач за „Брегзит“, кој е еден од овие кандидати за претседател, може да ги сврти своите амбиции кон водење на ЕПП – ако не успее да победи во Франција. Актуелниот генерален секретар на ЕПП, Антонио Лопез-Истуриз Вајт, шпански европратеник, исто така се смета за потенцијален кандидат за претседателската функција во партијата, ако продолжи да расте отпорот на поставувањето на Вебер за лидер на групата.

Во меѓувреме, се чини дека расположението во ЕПП се менува помеѓу депресија и оставка. Некои членови на политичката група велат дека ЕПП треба да ги научи лекциите од неодамнешните изборни загуби и да се движи брзо за повторно да се иновира, додека други изразуваат тивка доверба дека, колку и да изгледа лошо во моментов, нишалото ќе се врати назад кон центарот.

„Нормално е, тоа се циклуси“, рече еден инсајдер од ЕПП. Инсајдерот ги спореди тековните напори на партијата со поминување низ пустина и рече дека преживеал вакви неплодни периоди и порано. Според него, ЕПП мора да се држи заедно бидејќи судбината на партијата и на целата ЕУ се испреплетени.

„Ако ЕПП експлодира, тоа ќе биде фатален удар за европскиот проект“, рече овој инсајдер.

Но член на ЕПП од северна земја смета дека групата народни партии треба да најде начин за модернизација.

 „Ние сме стабилни. Можеме да владееме. Ние сме проевропски. Се разбира, треба да ги чувате тие работи “, рече овој член. „Но мислам дека треба да станеме малку повеќе секси отколку што сме. Досадни сме“. (Политико)