Само во март во Бразил умреле 67.000 луѓе од Ковид-19


Во Бразил досега починаа 322.000 лица од корона вирусот

Бразил го претрпе својот најтежок месец на смртни случаи од Ковид-19, откако смртта на речиси 67.000 луѓе беше потврдена во март.

Бројката – повеќе од двојно поголема од претходната највисока, кога беа регистрирани 32.912 смртни случаи минатиот јули – означи дека јужноамериканската земја е втурната во најразорното поглавје на нејзината епидемија.

Во средата беа регистрирани рекордни 3.950 смртни случаи, а експертите предупредуваат дека бројот на дневни жртви, најверојатно, ќе се искачи на околу 5.000, бидејќи состојбата уште повеќе се влошува во април.

Претходно, опозициските политичари побараа импичмент на бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, кој е обвинет за катастрофално лошо справување со епидемијата во која загинаа повеќе од 322.000 негови граѓани.

Само САД имаат повисок официјален биланс на жртви. Болсонаро продолжува да се спротивставува на мерките за ограничување, како што е заклучувањето.

„Тој ќе остане во историјата како гувернер… кој најмногу му нанесе трагедија на бразилскиот народ“, рече Рандолф Родригес, еден од сенаторите кои стојат зад обидот за импичмент.