Сали ги бара докторите Даниловски, Пановски и Марковски во Комисија за заразни болести

Доколку од какви било причини не се во можност да бидат дел од Комисијата за заразни болести, им упатувам отворена покана да бидат дел од мојот тим на советници


 

Министерот за здравство Беким Сали преку објава на Фејсбук најави дека наскоро ќе формира нова Комисија за заразни болести и ги повика универзитетските професори Драган Даниловски, Никола Пановски и Вело Марковски да се приклучат како нејзини членови.

– Според најавите, а во согласност со законските надлежности, како министер за здравство на Република Северна Македонија наскоро ќе ја формирам Комисијата за заразни болести. Таа е советодавен орган во чиј состав се истакнати експерти кои преку научни толкувања ќе ни овозможат ефикасно, навремено и ажурно да предлагаме мерки во согласност со епидемиолошката состојба, наведува министерот Сали во објавата.

Тој потенцира дека непобитен факт е оти сегашните околности бараат засилено и координирано дејствување, врз основа на стручни и реалистични проценки.

– Оттука, како министер најавував дека промените во ова тело ќе бидат во насока на проширување и дополнување на неговиот состав, со нови, професионални, кадри од повеќе области. Заради ефективност и успешност на овој процес, би сакал јавно да ги поканам и угледните професори д-р Драган Даниловски, д-р Никола Пановски и д-р Вело Марковски да се приклучат како членови на Комисија за заразни болести и со тоа да придонесат во нејзината работа, додава Сали.

Министерот за здравство потенцира дека му е чест и задоволство јавно да го упата повикот до овие експерти врз основа на внимателното следење на јавната дебата околу нивното можно вклучување во Комисијата за заразни болести.

– Гласот на науката е клучен во борбата против Ковид-19. Да го искористиме на најдобриот начин! Доколку од какви било причини не се во можност да бидат дел од Комисијата за заразни болести, им упатувам отворена покана да бидат дел од мојот тим на советници, додава министерот Сали во објавата на Фејсбук. 

Уште пред две недели, кога одредени медиуми лиферуваа вест дека политичката партија ЛДП ќе го предложи д-р Драган Даниловски за член на Комисијата тој напиша дека нема да прфати членство таму, иако дотогаш никој не го ни контактирал да го праша дали скаа да биде член на Комисијата за заштита од заразни болести. 

– Не прифаќам било чиј предлог за членување во Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство. Овој мој став се темели на свесноста дека Комисијата за заразни болести никогаш не може автономно да функционира, колку и да се трудат членовите така да биде!
Зошто? Затоа што таа претставува само советодавно тело на Министерот за здравство. Таа нема ингеренции да носи извршни одлуки, туку само заклучоци, кои му ги предлага на Министерот. Тој може, ама не мора, да ги прифати. Крајната одлука е само негова и би требало да биде извршна.
Арно ама, ниту неговите одлуки во тек на пандемијава не се извршни. Треба да поминат на Кризен штаб при Владата – евентуално да се модифицираат (влијание на политика!) – и дури потоа формално да се прифатат од Владата.
Во таков амбиент, за мене е неприфатливо да ја жртвувам својата автономија.
– Останувам со автономен, независен статус како досега – член на универзитетската заедница – и продолжувам да функционирам волонтерски во врска со сѐ што значи стручна помош секому што ќе ми се обрати: Комисијата за заразни болести, Министерството за здравство – но, пред сѐ, граѓаните, напиша д-р Даниловски.
 
Доктор Пановски пак, во изјава за „Фокус“ потврди дека доколку добие понуда може да размисли.