САД се враќаат на голема врата на Балканот


Посетата на американскиот државен секретар Мајк Помпео на регионот, вклучително и тоа што таа се поклопи со објавата дека претседателот Трамп го именува актуелниот амбасадор на САД во Германија, Ричард Гренел, за специјален пратеник во преговорите меѓу Србија и Косово, несомнено сведочи за враќањето на голема врата на САД на Балканот.

Помпео за два дена ги посети Црна Гора, Северна Македонија и Грција од каде што упати неколку клучни пораки во кои практично се огледува обновениот стратегиски интерес на САД за овој дел од Европа. Во Скопје, Помпео отворено зборуваше за обидите на Русија и Кина за наметнување на нивното влијание во регионот, предупредувајќи на руските ботови на социјалните мрежи и на ризиците од кинеските инвестиции и стратегијата за подмитување при обезбедување зделки. Речиси идентична порака дека „Русија сака дестабилизација, а Кина економски зависен Балкан без западно влијание“, испрати и поранешниот помошник американски државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, во обраќањето на Самитот на „Економист“, кој се одржа на почетокот на минатата недела во Скопје. И во ехото од Атина беа содржани темите за „Балканот кој останува регион за стратегиски натпревар“, потоа Русија и Кина, а Помпео очекувано ја придодаде и Турција на која ѝ порача да се тргне од „противзаконските и неприфатливи“ активности на дупчење и потрага по енергетски ресурси во Средоземното Море.

„Последните петнаесетина години САД се дистанцираа од овој дел од Европа. Можно е тоа да се должи на стратегиските интереси во други делови од светот, а можно е да станува збор и за своевиден тест за капацитетите на Европа, односно дали таа може сама да се справи со Балканот, кој произведува повеќе историја отколку што може да консумира. Сите сигнали јасно покажуваат дека САД се враќаат на голема врата во регионот, можеби и во последен момент“, вели Мерсел Биљали, кој до скоро беше ангажиран како советник за комуникации и односи со јавност за подобрување на односите меѓу етничките заедници на премиерот Зоран Заев.

Во поглед на стабилизацијата и интеграцијата на регионот во ЕУ под итно со помош на САД, вели Биљали, мора да се направат две работи: решение на спорот меѓу Србија и Косово и забрзување на интеграцијата меѓу земјите во регионот која би била ветар во грб на евроинтегративниот пат.

„Постојат разни интереси за овој дел од Европа, од желби тој да се контролира до желби за негова контролирана дестабилизација. Русија, Кина и Турција веќе силно ги трасираат своите претензии. Она што го очекувам од САД во наредниот период е тие силно да притиснат за формирање царинска унија меѓу земјите од Западен Балкан. Така ќе зајакне економскиот капацитет на државите во регионот кои на тој начин полесно би се приклучиле на европското семејство“, посочува Биљали.

Неодамна во Њујорк српскиот претседател Александар Вучиќ, кој денеска и утре во Белград е домаќин на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавно говореше за економската страна на проблемот со Косово сугерирајќи, како што забележаа медиумите во регионот, дека таа димензија е подеднакво важна колку и политичката. Српскиот аналитичар Душан Јањиќ, иако и самиот признава дека многумина, и тоа со право, ќе се посомневаат во искреноста на изјавата, смета дека таа е некаков сигнал дека работите за дијалогот одат во нова насока.

„Тој вид изјави не беа необични за Вучиќ до 2016 година, значи оној период кога се потпишуваа договорите за нормализација. Заговарањето на компромис во смисла на разграничување е изненадувачко и разбирам зошто предизвикува сомнежи за искреноста, но по мене треба да се надеваме. Зошто? Во суштина, таа изјава на Вучиќ е точна, политичкиот проблем меѓу Србија и Косово околу прашањето за статусот на Косово има свои економски, социјални и други последици. Овој краток период покажа дека дострелот на меѓусебната соработка е околу 700 милиони евра“, вели Јањиќ, кој во подобрување на стопанската соработка гледа шанса за суштинско културолошко, а потоа и политичко приближување меѓу Србија и Косово, нагласувајќи дека нормализацијата на тие односи ќе има позитивно влијание на целиот регион.

„За регионот тоа навистина би имало економско олеснување, но и политичко за Србија. И подлабоко за српската нација тоа би било своевидна колтуролошка-социолошка мини катарза, која, доколку се случи проблемот да се реши, би била исклучително важна. Можеби сум наивен, но верувам дека тоа ќе се направи и треба да се проверува низ делата бидејќи политичарите често даваат тактички изјави“, анализира Јањиќ во пресрет на вчерашните парламентарни избори во Косово.

Назначувањето на Ричард Гренел за специјален пратеник во преговорите меѓу Србија и Косово отвори многу дилеми бидејќи на крајот на август Стејт департментот го назначи Метју Палмер за специјален пратеник на САД на Балканот, а негов приоритет, како што самиот рече, исто така, ќе биде токму дијалогот меѓу Србија и Косово.

Дојче веле потсети на контроверзноста на Гренел „првиот отворено геј политичар номиниран од администрацијата на Трамп, кога стана амбасадор во Германија во 2018 година“. Токму во Германија се случуваат најголемите скандали кои доведоа и до барања тој да се прогласи за „персона нон грата“. Уште не беше ни вистински седнат на функцијата, Гренел даде интервју за деснопопулистичкиот портал „Брајтбарт“, каде што отворено порача дека неговата цел е да ги зајакне „конзервативните сили во Европа“, притоа алудирајќи на политичари како Виктор Орбан во Унгарија и Матео Салвини во Италија, и неговиот „омилен“ – австрискиот канцелар Себастијан Курц.

Но тоа не беше и крајот на скандалите што ги предизвика Гренел. Кусо откако ја презеде функцијата, тој бараше од германските бизнисмени да не соработуваат со Иран. Потоа им се закануваше со санкции на германските фирми што работат на гасоводот „Северен тек 2“, и бараше Германија да увезува американски гас. Заканите потоа продолжија и кон владата: доколку кинеската фирма „Хуавеи“ добие тендер за изградба на 5Г-мрежата во Германија, САД ќе ја ограничат соработката со германските тајни служби.

Експертот за Балканот и професор на Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер, оцени дека назначувањето на Гренел е загрижувачки потег.

„Доколку Трамп го именува Ричард Гренел за специјален пратеник за Србија и Косово, која е улогата на Метју Палмер?“, праша Бибер на Твитер. „Исто така, загрижувачка порака за заедничката позиција на ЕУ и САД: Гренел има историја на отуѓување на Германија и ЕУ како амбасадор. Ова не е добар знак“, заклучува Бибер во кусиот коментар.

Биљали е со поинаков став. Тој смета дека на овој начин се засилува американското присуство на теренот, односно дека не станува збор за разногласие меѓу Белата куќа и Стејт департментот кое може да има негативни последици за регионот.

„Кога станува збор за надворешната политика САД, тие ништо не оставаат на случајот. Сè е извонредно координирано. Притисокот за решение на спорот меѓу Белград и Приштина ќе биде максимален. Северна Македонија со Преспанскиот договор направи голем исчекор кон евроатлантските интеграции и стана пример за решавање на тешките билатерални проблеми. Верувам дека со помош на САД тоа може да го направат и Србија и Косово“, вели Биљали. (Н.К.)