САД протераа руски дипломати и воведоа нови санкции

Администрацијата на Бајден нареди протерување на 10 руски дипломати и санкции против речиси триесетина луѓе и компании
ВАШИНГТОН – Администрацијата на Џо Бајден во четвртокот објави протерување на 10 руски дипломати и санкции против речиси триесетина луѓе и компании, бидејќи го смета Кремљ одговорен за мешање во минатогодишните претседателски избори и хакирање на федералните агенции.
Акциите, најавувани со недели од администрацијата, претставуваат први одмазднички мерки објавени против Кремљ за хакеирањето, познато како кршење на SolarWinds. Во тој упад, се верува дека руските хакери заразиле широко користен софтвер со малициозен код, овозможувајќи им пристап до мрежите на најмалку девет агенции во она што според американските власти е операција за собирање разузнавачки информации чија цел е откривање на владини тајни.
Покрај тоа хакирање, минатиот месец американските власти тврдеа дека рускиот претседател Владимир Путин одобрил операции за влијание за да му помогне на Доналд Трамп во неговата неуспешна кандидатура за реизбор за претседател, иако нема докази дека Русија или некој друг ги сменил гласовите или го изманипулирал резултатот.
Мерките објавени во четвртокот вклучуваат санкции за шест руски компании кои ги поддржуваат сајбер активностите на земјата, покрај санкциите за 32 физички лица и субјекти обвинети за обид да се мешаат во претседателските избори минатата година, вклучително и со ширење дезинформации.
Меѓу 10-те дипломати кои се протерани има претставници на руски разузнавачки служби, соопшти Белата куќа.
Белата куќа исто така соопшти дека Бајден користи дипломатски, воени и разузнавачки канали за да одговори на извештаите дека Русија ги охрабрува Талибанците да ги напаѓаат американските и сојузничките трупи во Авганистан врз основа на „најдобрите проценки“ на разузнавачката заедница.
Санкциите, веројатно, наменети да испратат јасна одмазничка порака до Русија и да спречат слични дела во иднина, сигурно ќе ги влошат веќе напнатите врски меѓу САД и Русија.
Претседателот Џо Бајден му рече на Путин оваа недела во нивниот втор разговор за „деескалација на тензиите“ по наталожувањето на руската војска на границата со Украина и рече дека САД „ќе дејствуваат цврсто во одбрана на своите национални интереси“ во врска со руските упади и мешањето на изборите.
Акциите би претставувале втора голема рунда санкции воведени од администрацијата на Бајден против Русија. Минатиот месец, САД санкционираа седум средни и високи руски функционери, заедно со повеќе од десетина владини субјекти, поради речиси кобниот напад со нервен агенс врз опозицискиот лидер Алексеј Навални и неговото последователно затворање. (АП)