САД и Украина го потпишаа „историскиот“ договор за ресурси

По долго натегање, Соединетите Американски Држави и Украина се договорија да основаат фонд за реконструкција кој на САД ќе им овозможи и пристап до природните ресурси во земјата нападната од Русија.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент и украинската вицепремиерка Јулија Свириденко го потпишаа договорот во главниот град на САД, Вашингтон. Текстот на договорот сѐ уште не е објавен, но со него е предвиден инвестициски фонд за заедничка експлоатација на украинските природни ресурси, кој би требало да генерира средства за обнова на земјата разурната од војна.
САД со договорот добиваат привилегиран пристап до украинските ресурси, вклучително и ретки метали, кои се важни за високата технологија и имаат стратешко значење. Министерот Бесент не беше особено конкретен во врска со содржината на договорот, но изрази задоволство поради неговото склучување.
Украинската вицепремиерка Свириденко даде повеќе детали. Идниот фонд за обнова треба да инвестира во проекти за експлоатација на минерали, нафта и гас, како и во соодветната инфраструктура, појасни таа. „Украина и САД заеднички ќе ги одредат инвестициските проекти што треба да се финансираат“, напиша таа на Фејсбук.
Може да се инвестира само во Украина. Фондот во првите десет години не треба да распределува добивки и приходи, туку да ги реинвестира. За да одговори на загриженоста во Украина поради можна распродажба, Свириденко нагласи дека со фондот ќе се работи на рамноправна основа со САД. Украина во фондот нема да учествува со свој удел од постојните проекти за суровини, туку ќе плаќа 50 отсто од приходите од идните лиценци за производство или продажба на суровини.