САД го одбележуваат Денот на трудот


Во САД денеска се одбележува Денот на трудот. Денот е посветен на американските работници, што исто така се смета за неофицијален крај на летото. За време на празникот се одржуваат паради, а има и штрајкови.

Продолжениот, тридевен викенд за многумина е последна можност за одмор кога во повеќе сојузни држави започнува и новата учебна година. Многу продавници организираат специјални празнични распродажби.

Според проценките на Управата за безбедност на транспортот, за Денот на трудот на аеродромите во земјата ќе поминат 17 милиони луѓе, што е за осум отсто повеќе од минатата година. За оние што патуваат со автомобили, просечните цени на бензинот ќе бидат околу 10 отсто пониски споредено со лани.

Во градовите ширум земјата ќе се одржат празнични паради, чија историја започна со парадата во Њујорк во 1882 година во која учествуваа 10 илјади работници. Деновие пак, штрајкуваат хотелските работници во Бостон и Гринвич чиј синдикат најавува штрајкови на хотелските работници низ целата земја, по безрезултатните преговори со главните хотелски ланци кои се водат од мај.

Денот на трудот во САД стана официјален празник во 1894 година, кога претседателот Грувер Кливленд го потпиша соодветниот закон. Празникот се одбележува секој прв понеделник во септември.