Сѐ уште ги нема сензорите за мерење шеќер во крвта
Родители на деца со дијабетес секојдневно се во очекување здравствените власти да обезбедат сензори за континуирано мерење на гликемијата во крвта. Тие посочуваат дека со помош на сензорите постојано ќе можат да го следат шеќерот во крвта без да им ги боцкаат прстите на децата. Министерот за здравство Венко Филипче неколкупати од неговото назначување на функцијата вети дека сензорите ќе бидат набавени, ама нема ништо од тоа.
„Министерот Филипче во последното ветување рече дека ќе бидат набавени сензори, и тоа за почеток 500, со цел да се покријат месечните потреби на децата што имаат дијабетес. Меѓутоа, немаме одговор од Министерството за здравство до каде се со реализацијата на ветувањето. Од голема важност и олеснување ќе бидат сензорите за децата за да не им ги боцкаме прстите и со тоа ќе може постојано да се види колку е шеќерот во крвта, што ќе значи и контрола на самата состојба дијабетес“, вели родител на дете со дијабетес, кој сакаше да остане анонимен.
„Секој месец за моето дете обезбедувам два сензора за безболно мерење гликемија, трошам по 150 евра. Вакви сензори се повеќе од неопходни, ќе им го олеснат животот и на родителите и на децата, ќе нема потреба во текот на денот да ги боцкаме неколкупати за да правиме контрола на шеќерот. Хрватска, Грција, а и Црна Гора веќе имаат набавено сензори“, додава друг родител.
Дијабетичари од Скопје се задоволни бидејќи Министерството за здравство ги обезбедило иновативните лекови за дијабетес (инсулини), лентите за мерење шеќер во крвта и апаратите глукомери. Потребно е да помине период на користење на овие апарати за да се види дали се добри, односно дали ќе даваат точни резултати бидејќи претходните не биле прецизни.
Димче Велев од Здружението „Шеќерче – Лилипоп“ потврдува дека и во Велес дијабетичарите добиваат од новите апаратчиња, ленти и дека има инсулин. „Како здружение им помагавме на луѓето што имаат и операции на срце со тоа што им обезбедувавме инсулини, апарати и ленти за мерење на шеќер, си делевме меѓу нас дијабетичарите она што ни е најпотребно“ рече Велев.
Велев додава дека во Велес лекарите сè уште немаат пропишано од новите иновативни инсулини, иако ги има на листата за дистрибуција. Меѓутоа, има забелешка дека за дијабетес тип 1 на некои пациенти и натаму им се дава од апаратот кој е неквалитетен, односно не мери точно.
„Од Велес има двајца дијабетичари што го имаат земено апарат. Во неделата плачеа, па земаа да користат други апарати кои ги има здружението. Планираме да бараме да се воведе референтна цена за апаратчињата, нека партиципира државата колку мисли да партиципира. Проблем е што апаратчињата не ги даваат сите наеднаш. Пуштиле над 50 отсто апарати за пациенти со дијабетес тип 2, не пуштиле за сите, ние имаме 1.200 пациенти, а пуштиле 600 апарати. Од Сојузот на дијабетичари на Македонија ни рекоа дека за следните четири месеци ќе бидат пуштени апарати и за другите“, додава Велев.
Во Велес има 6.500 дијабетичари од кои околу 1.200 се на инсулинска терапија, од нив 14 се деца до 18 години.
Доктор Зоран Гучев од одделот за ендокринологија на Детска клиника вели дека се многу важни сензори за континуирано мерење на гликемијата во крвта за децата.
„Нискиот шеќер во текот на ноќта може да оштети мозокот на детето. Родителите се уплашени, се менуваат најчесто неколку пати во текот на ноќта стануваат, гледаат дали детето има низок шеќер. Сето тоа се избегнува ако имате сензорен апарат кој постојано мери шеќер во крвта, мери 24 часа. Има крива која покажува во колку часот има висок, а во колку часот низок. Му помага на пациентот да му се дозира инсулин толку колку што е потребно. Од една страна рано открива низок шеќер и ги спречува неговите последици, а од друга страна овозможува на добар начин да се контролира дијабетесот бидејќи нема да дозволи да има долго време висок шеќер кој не би се открил. Ако детето јадело повеќе, не знаат да го дозираат како што треба. Тоа го решава сензорот. Апаратот прво овозможува да се намали нивото на ниските шеќери кои се опасни за детето и второ, овозможува да се открие точно во кое време има висок шеќер за да ја коригираат дозата за инсулинот, што овозможува да нема компликации како оштетување на очи, бубрези, нерви и оштетување на мускули. Јас мислам дека секој човек што има дијабетес треба да го има овој апарат“, посочи Гучев.
Од Министерството за здравство кусо одговорија дека чекаат да стигнат сензори за континуирано мерење на гликемијата во крвта.
Вероника Мароска-Леова
Борис Грданоски-фоторепортер