Руските тенисерки масовно бараат државјанство во Казахстан

Помладите генерации сакаат да го следат примерот на годинашнава освојувачка на Вимблдон, Елена Рибакина, родена московјанка, која стана државјанин на Казахстан во 2018


 

Се чини дека се повеќе руски тенисерки, особено млади, сакаат да го следат примерот на Елена Рибакина, овогодинешната победничка на Вимблдон, која игра под знамето на Казахстан. Потпретседателот на Казахстанската тениска федерација потврди дека во последните месеци повеќе од 30 руски тенисери, од најмлади до сениори, контактирале со нив со барање за промена на државјанството.

Рибакина е родум од Москва, но доби казахстанско државјанство во 2018 година поради подобри услови. Тогаш таа немаше поим колку ќе ѝ се исплатува тоа, бидејќи оваа година Вимблдон им забрани на тенисерите од Русија да играат поради агресијата на таа земја кон Украина. Секако, тоа не важеше за Рибакина и 23-годишната девојка отиде до крај и го подигна победничкиот пехар во Ол Ингланд клубот, што беше нејзина прва Грен слем титула во кариерата.

На руските и белоруските тенисери во моментов им е дозволено да настапуваат како неутрални поединци на турнирите ширум светот, со исклучок на Велика Британија, а само на нивните репрезентации им е забрането учество на Дејвис купот и Купот на Били Џин Кинг. Сепак, очигледно многу млади играчи во Русија веруваат дека санкциите може да се заострат, а бидејќи и Казахстан може да им понуди подобри финансиски услови, сè повеќе од нив бараат државјанство на таа земја.

– До денес добивме повеќе од 30 апликации – потврди во интервју за интернет порталот „Шампионат“, потпретседателот на Казахстанската тениска асоцијација Јуриј Полскиј.

Иако повеќето од играчите кои сакаат да го сменат државјанството припаѓаат на помладите категории, Полскиј посочува дека интерес пројавиле и некои кои веќе се професионалци. Бидејќи Казахстан стана барана тениска нација, тој го објасни нивниот процес на селекција за играчи кои сакаат да играат под нивно знаме.

„Доволно сме мудри да ги избереме само оние кои ни се интересни, бидејќи приоритет ни се домашните играчи. Но, кога ќе видиме дека некој е во ситуација како на Елена, па или ќе ја заврши кариерата или ќе добие поддршка и ќе продолжи понатаму, тогаш му даваме шанса“, заклучи Полскиј.